Нема согласност за избор на претседател во Собрание – СДСМ: Претседателот се бира на непосредни избори а не во Собрание

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Продолжуваат ставовите и изјавите околу предлогот претседателот на државата да се бира во Собранието. Иако се чини дека ниту една од политичките партии од македонскиот блок не го поддржува овој предлог, ДУИ и денеска го изнесе своето барање обраќајќи им се само кон ВМРО-ДПМНЕ. Од партијата на Мицкоски се изјаснија дека за нив е неприфатливо ова барање и го сметаат како уцена. За ова преку соопштение вратија од ДУИ.

„Демократската унија за интеграција смета дека ВМРО-ДПМНЕ продолжува да ја доживува еднаквоста во општеството како уцена. ВМРО ДПМНЕ за жал ги отфрла прогресивните идеи поради заглавувањето во конзервативниот начин на размислување за замислена етничка доминација во заедничката држава“, велат од ДУИ.

„Јас мислам дека ингеренциите на претседателот на државата се колку и во повеќе околни држави. Ние често се разликуваме, ги споредуваме со Косово или Албанија, кои што имаат сличен систем како нашиот, парламентарен систем. Мислам дека трошоци на државата не и требаат, може да се избира и преку собрание како што тоа го направивме за прв пат и наш став е (зашто) не сме претседателски систем, туку сме парламентарна демократија, мислам дека би рационализирале (со) договор меѓу политичките партии кои се застапени во парламентот“, порача Арбен Таравари.

Од СДСМ и денеска повторија дека се против оваа идеја. Дарко Каевски од СДСМ вели дека ваквиот предлог ги уназадува демократските процеси.

„Социјалдемократскиот сојуз на Македонија јавно и јасно го кажа во многу наврати нашиот став дека кандидатот за претседател треба и се бира на непосредни избори. И ова барање не е нешто ново, го слушнавме и на изборите во 2019 и во 2020 и сметаме дека не треба да се уназадуваат демократските процеси. Она што е важно, што треба да го напоменеме е дека кандидатот предложен од Социјалдемократскиот сојуз ќе биде поддржан од сите етникуми“, порача Дарко Каевски.

Вакви барања секогаш доаѓаат во предизборие, коментираше претседателскиот кандидат Максим Димитриевски во вчерашното гостување во Сител. Според него ваквиот начин на бирање претседател ќе има свои последици кон самата функција.

„Тоа ја усложнува државата, дополнително ја намалува моќта на институцијата претседател која што всушност треба да биде заштитник на обичниот граѓанин. Претседателот ја црпи својата сила од самите граѓани и всушност тој ги претставува, покрај државата и сите ингеренции кои што му се согласно Уставот и законот и граѓаните и се грижи за граѓаните“, вели Максим Димитриевски.

Деновиве и дел од експертската јавност се огласија за ова прашање од каде истакнаа дека доколку се избира претседател во Собрание тогаш воопшто не треба ни да постои оваа функција.