Има напредок на отворените прашања, но тоа е недоволно и не можеме да ја одобриме рамката за преговори. Ова го изјави министерката за надворешни работи на Бугарија Екатерина Захариева по вчерашната средба со Димитров и Османи во Берлин. Таа рече дека Македонија изминатава година го крши Договорот за пријателство, а како едно од барањата го наведе и тоа нашата земја да не го покренува прашањето на малцинствата во меѓународни организации.
„Непризнавањето на историската вистина има сериозни влијанија во сегашноста и реалноста, изразувајќи се во малцински претензии. Така што тоа е една од многу важните црвени линии на Бугарија по тоа прашање на исполнувањето на Договорот“, вели Захариева.
Во врска со прашањето на македонскиот јазик Захариева истакна дека имало две понуди од македонска страна но ниту една не била доволна за Софија.
„Ние повторно подвлековме дека има две варијанти, или користење на варијантата од 2017 година која за нас е апсолутно недоволно . Не сме подготвени да одобриме преговори за рамка но работиме активно со германското претседателство и со колегите од Северна Македонија за поддржувањето на тоа барањата на Бугарија да се во преговарачката рамка.“, рече Захариева.
Антонио Милошоски за утре ја закажа собраниската комисија за надворешни работи на која како што истакна ќе се расправа за утврдување национален став за позициите на официјална Софија по однос на македонските евроинтерации.
„Собранието на Република Македонија требаше досега но не е доцна ни утре да имаат заеднички став со кој што ќе се осуди меморандумот од официјална Софија како историски анахронизам. Ако ние имаме таков собраниски став ќе биде и за нашите претставници полесно во било кои преговори бидејќи како што гледаме Захариева се повикува на ставовите на бугарското Народно Собрание и истите ги застапува и во Берлин и во Брисел.“, вели Милошоски.
Советот на министри треба да се одржи на 10 ноември на која треба да се утврди преговарачката рамка, а првата Меѓувладина конференција се планира да се одржи во декември.
