Необјавена демо-снимка на Џон Ленон, дел од новото јубилејно издание на легендарниот албум „Rubber Soul“ на Битлси

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Легендарниот албум „Rubber Soul“ на The Beatles ќе добие проширено јубилејно реиздание на 2 октомври, кое, покрај новите аудио-верзии, ќе содржи и досега необјавена демо-снимка на Џон Ленон, објави музичкиот портал Њу Мјузик Едитор.

Изданието, кое го објавуваат UMG и Apple Corps Ltd, е ремиксирано од продуцентот Џајлс Мартин и инженерот Сем Окел. За првпат по повеќе од 60 години, албумот ќе биде достапен во нови стерео и Dolby Atmos миксови, заедно со оригиналната моно верзија и американското издание на Capitol Records.

Покрај оригиналните хитови како „Norwegian Wood (This Bird Has Flown)“, „Nowhere Man“, „Michelle“ и „In My Life“, реизданието ќе ги вклучи и синглот „Day Tripper / We Can Work It Out“, како и досега необјавени студиски снимки и домашни демо-материјали.

Најбогатото „супер делукс“ издание ќе содржи вкупно 68 песни распоредени на пет винил-плочи или четири компакт-дискови. Меѓу нив е и „Little Girl“, песна што Џон Ленон ја напишал и снимил како демо, но никогаш досега не била официјално објавена.

Пакетот ќе биде збогатен и со луксузна книга од 88 страници со нов вовед од Пол Макартни и предговор составен од архивски изјави на Џон Ленон.

„Rubber Soul“, снимен во октомври и ноември 1965 година, се смета за еден од највлијателните албуми на The Beatles и пресвртница во историјата на рок-музиката. Новите миксови се изработени директно од оригиналните четириканални мастер-снимки со помош на современа технологија за аудио-раздвојување развиена од WingNut Films Productions, студиото на режисерот Питер Џексон.