Талат Џафери, претседателот на Собранието и координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ се скараа вечерва околу продолжувањето на 19. седница.
„Продолжението на седницата беше планирано за 20 часот, а вие не оставивте да ве чекаме час и 40 минути без никаква информација.
„Вака го кршите Деловникот од самиот почеток. Продолжението на оваа седница беше планирано за 20 часот, сега е 21.40 часот. Саат и 40 минути пратениците од опозицијата ве чекаат во собраниската сала. Сакате да продолжите седницата без решение и без информација дека истата ќе продолжи после 18 часот. Вака ли ќе работиме, ова ли транспарентност на работата на Собранието? Сакате ли на мала врата да поминете некои работи во ниедно време во ноќта? Срамота е ова што го правите“, кажа Мицевски.
Додека Мицевски се обраќаше процедурално, пратеникот Антонио Милошоски снимаше со телефонот, по што Џафери се обиде да го прекине.
„Антонијо Милошоски, прекинете со снимањето. Не е дозволено, не си барал одобрение од никого да снимаш. Не е дозволено неовластено да снимаш. “, рече Џафери, а Милошоски му одговори дека според членот 70 од Уставот, имал право.
„Поднесете ми пријава“, му одговори Милошоски.
Џафери, пак, му одговори на Мицевски.
„Се договоривме дека денес ќе работи Комисијата за финансирање и буџет и другите комисии, а оваа седница да се одржи на 28-ми и одеднаш наместо Комисијата за финансирање и буџет и другите комисии кои што ги водите ги свикавте за 28-ми. Имајќи предвид дека Комисијата за финансирање и буџет е свикана за 28-ми а и овие седници беа за 28-ми и затоа што не го испочитувате тој договор, решив ови две седници да бидат свикани денес. Сабајле беа свикани 19. и 20. седница. За продолжувањето на овие седници уште тогаш ви беше кажано дека во 12 часот продолжуваме со 19. седница и по неа продолжуваме со 20. седница. Сè зависи од дебатата од што ќе одвива на 19. седница. Тебе Мицевски ти кажав како координатор уште во 2.15 часот, ти се јавив ти кажав. Веќе не се слушаме по телефон, туку во пишана форма. Собранието е во постојано заседание во крајна линија“.