Да се направат измени на Изборниот законик со кој ќе се предвидува кандидатурата на независни листи на претстојните локални избори да се овозможи со 50 потписи на граѓани. Ова го побараа претставници на независни граѓански иницијативи од земјава откако пред десетина дена Уставниот суд укина членови на Изборниот законик кои се однесуваат на независните кандидатури. Бараме да ни се овозможи на следните локални избори да имаме јасни услови за кандидатура рече Јана Белчева од Шанса за Центар.
„Нашите барања се однесуваат на правната празнина која се создаде со укинување на членот од Изборниот законик со кој се подигна прагот за собирање на потписи за независни листи на 1 посто што Уставниот суд го оцени како неуставен. Во нашето барање стои дека ние бараме со 50 потписи да може да се настапи на кандидатска листа.“, вели Јана Белчева.

Ваквото барање според Горјан Јовановски од Зелен Хуман Град е според европски критериуми каде се отвора можност за демократија. Доколку не се донесат потребните одредби во законот тој бара можноста за кандидирање да биде отворена.
„Во отсуство на дадени услови и критериуми треба да биде отворена а не затворена можноста за независни листи да можат да се кандидираат на наредните локални избори. Сега за жал тоа зависи од толкувањето на законот од страна на Собранието на законодавниот дом и од страна на ДИК, кои што на крај може да рече, знаете што ние поинаку си го толкуваме и едноставно нема да ви ги прифатиме вашите поднесоци за локалните избори.“, изјави Горјан Јовановски од Зелен хуман град.
Немањето услови за независните кандидати е кршење на уставното право на избори, вели Агрон Арифи од Подобро за Тетово.
„Бидејќи старите одредби не се вратени во сила, останува непозната според кои услови независните кандидати ќе можат да учествуваат на избори, нешто што е кршење на уставното право за кандирање за јавни функции, гарантирано во член 23 на уставот“, рече Агрон Арифи од „Подобро за Тетово“.

Дел од пратениците во Собранието не сакаа да го коментираат ваквиот став ниту дали ќе го поддржат барањето на независните.
Досега немам добиено такво официјално барање јас како пратеник. Секако кога ќе добиеме барање ние како пратеничка група ќе се консултираме и ќе излеземе со заеднички став.
„Немаме се уште став во врска со ова, 50 потписи мислам дека се премногу малку за кандидатура за локални избори, тоа е мое мислење, мој став. Сметам дека право за кандидирање треба да има кандидат кој има најмалку 500 или илјада потписи“, изјави Беким Сали од ВРЕДИ.

И од СДСМ велат дека се уште не добиле никакокв предлог и не можат да коментираат додека не го разгледаат.
