Николоски на Блаце: Владата го подржува протестот на транспортерите, ЕУ мора да го олесни пристапот за професионалните возачи

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, денеска на ГП Блаце даде силна поддршка на домашните транспортери кои од денеска стапуваат во седумдневен предупредувачки протест заедно со превозниците од Србија, Црна Гора и БиХ во знак на револт против новите правила за електронската евиденција во шенген зоната.

Во прилог интегралната изјава на вицепремиерот Николоски:

„Би сакал да искажам поддршка во мое име и во име на Владата на овој протест на превозниците и тоа е причината зошто сум денеска на овој граничен премин, затоа што овој протест е предупредувачки. Превозниците сакаат да покажат што ќе се случува од 10 април па натаму. Ова е едно предупредување и сметам дека е навремено со цел да се искористат месеците февруари и март и земјите членки на шенген зоната да изнајдат решение.

Во принцип име три возможни решенија, првото е да се одложи примената на електронскиот систем за превозниците, второто е да се зголеми бројот на денови коишто можат да ги поминуваат од сегашните 180 на 250 денови во шенген зоната, соодветно поделено во циклуси и третото решение е да не се третираат како туристи, туку да се третираат како професионалци и врз основа на тоа или да бидат исклучени од овие правила и соодветно со работни визи како што прави Швајцарија, тоа да се уреди и на тој начин да можат слободно да транзитираат низ земјите од шенген зоната.

Се спротивно од ова мислам дека ќе има големи последици и за македонската и за регионалната, но и за европската економија. Да не заборавиме дека најголем дел од странските инвестиции од целиот регионот се од земјите од ЕУ и шенген зоната, тие најчесто тука произведуваат полупроизводи кои ги извезуваат во сопствените земји, да не зборувам за земјоделските производи, за транзитот, да не зборувам за она што го произведува Грција и исто така оди на север и да не зборувам за главниот трговски коридор на Југоисточна Европа, а тоа е Коридор 10 кој што значи крвоток на целокупната економијата.

Би апелирал, би замолил уште еднаш да се размисли, оваа моќна порака испратена денеска од земјите од Западен Балкан мислам дека гласно ќе одекне. Ние година дена предупредуваме, зборуваме со претставници на ЕК, но за жал до сега немаа слух и мислам дека после ова ќе им слух и ќе најдат решение со цел да не запре македонската, регионалната па и европската економија.

Јас во петокот зборував со министерот за транспорт на Грција затоа што и тие се во оваа ситуација бидејќи ако не е Македонија и Србија и тие не можат да извезуваат по патен сообраќај. Во среда ќе одам во Загреб да се сретнам со вицепремиерот и министер за транспорт на Хрватска, а ќе се обидам да искомуницирам и со останатите земји, како би можеле да направат и тие дополнителен притисок за оваа ситуација“, изјави вицепремиерот.