Општина Струга е средно транспарентна општина, каде имаме необјавени документи и информации што граѓаните треба да ги знаат. Ќе продолжиме да правиме притисок, да разговараме, да работиме макотрпно во правец на подигање на свеста, но и на законските обврски на сите институции, истакна вицепремиерот задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски.
Одговарајќи на новинарско прашање за потрошените околу 30.000 евра за ручеци и други репрезентации на Струшкиот градоначалник Рамиз Мерки минатата година, по денешната посета на граничниот премин Ќафасан, Николовски рече дека на средбата со градоначалникот било посочено кои документи треба да се објават јавно за да се подобри транспарентноста на Општината.
– При сите посети на општините го презентираме Планот за борба против корупција и препораките што Владата ги има за општините и следењето на транспарентноста. Ги следиме сите општини во делот на објавување на 22 типа информации од јавен карактет согласно членот 10 од Законот за информации од јавен карактер. На денешната средба со градоначалникот Мерко воочивме кои документи треба да бидат јавно објавени да се подобри транспарентноста на општината, рече Николовски.
Општина Струга, додаде, изготви антикорупциска програма, која ги детектира ризиците, мерките и активностите што треба да ги преземе. Првпат, подвлече, општините изработуваат вакви програми и со тоа се јакне свеста и кај институциите и кај граѓаните, кои треба да се насочат во тој правец.
– Ние не работиме по предмети. Се држиме до кодексот, кој се однесува за сите именувани функционери во Владата и преку кои праќаме порака дека нема недопирливи, дека во секој еден случај се постапува. Санкционирањето и носењето одлуки е поздравено и од ГРЕКО, бидејќи мора еднаш за секогаш да си ги средиме состојбите и законите, со сите правни норми да се однесуваат за сите, а институциите се тука да си ја вршат работата. Ние мораме да се држиме до тоа што е наша надлежност во рамките на Владата, реализацијата и следењето на реализацијата на Планот за борба против корупцијата, нагласи Николовски.
Тој изрази задоволство од реализацијата на Планот за борба против корупцијатаи и оти на секоја владина седница се следи и се прават средби и проверки до каде се општините за спроведување на мерките, вклучувајќи ја и Општина Струга.
