Ништо не е сменето кај новата болница во Кичево – пред 4 месеци беа одвоени околу 1 милион евра за доизградба

НАЈНОВИ ВЕСТИ

На 2 ноември 2022 година, Владата одвои околу 60 милиони денари за доизградба на новата болница во Кичево која почна да се изгради пред скоро 40 години.

Долго очекуваната вест од кичевци ја соопшти првиот вицепремиер, Артан Груби, но иако поминаа речиси 4 месеци од распределбата на средствата, на терен ништо не е сменето. Се е како што беше порано, болницата е обоена од надвор, со гипс картон и кабли оставени по земја, а внатрешноста на болницата стана засолниште за кучињата скитници.

Директорот на болницата, Станко Трпески, вели дека немаат надлежност во изградбата на болницата и дека веста ја добил од медиумите, како и сите други, но за едно нешто е сигурен, на терен ништо не се работи.

Трпески вели дека се подготвил заедно со вработените да се преместат во новиот објект бидејќи имало многу ветувања дека ќе биде завршен, но сега е ставен во ситуација кога има многу вработени и нема соодветни услови во објектот каде моментално се сместени.

Потсетуваме дека и во 2020 година министерот за здравство, Венко Филипче, вети дека за новата болница ќе се издвојат 6 милиони евра и таа ќе биде завршена во 2024 година, но ништо од тоа не е реализирано. Сега останува да се види дали работите ќе почнат или не со 60-те милиони денари доделени неодамна или пак ќе остане само ветување и кичевската болница ќе продолжи да го руши рекордот за времетраење на не-изградба.