Имало барање за вршење хемофилтрација на пациенти заболени од Ковид во 2020-та година од една приватна болница, но во архивата на министерството за здравство го нема документот дали одговориле потврдно или не изјави денеска на средбата со медиумите министерот Беким Сали. Иако во тој период кога беше министерот Венко Филипче ставот на министерството беше дека не поддржуваат таков метод на Ковид пациенти. И директорот на Малмед во документарецот на ИРЛ беше јасен дека Малмед не дале дозвола за користење на апаратот за хемофилтрација за пациенти заболени од Ковид. Министерот вели дека на институциите им е потребно време да се расчисти случајот.
„Потребно е време за да се разгледаат обемните досиеја на сите 560 ковид пациенти за да се утврди што точно се случувало. Целиот тој третман треба да се анализира од експерти, лекари кои цел живот тоа го работат. Ќе го анализираат секој случај поединечно“, вели министерот за здравство Беким Сали.
Со оглед на обвинувањата на дел од роднините на починатите пациенти дека починале од бактерии, министерот вели дека сетот се користел само за еден пациент затоа и толку било скапо лекувањето што ја исклучува можноста за зараза. На новинарско прашање на авторката на Нечиста Крв Сашка Цветковска од ИРЛ, дали министерот знае дека Филип Втори имале два софтвери еден внатрешен во болницата и еден надворешен од каде добиле и потврда дека издавале документи за болницата, што практично значи и двојна документација, министерот одговори:
„Ќе се водиме по оние документи кои ги добиваме од болницата како извршител на здравствените услуги“, додаде министерот Сали.
Посебна стручна комисија составена од лекари експерти од Кардиохирургија, Инфективна, Интензивна и Нефрологија „ќе ги чешла“ медицинските досиеја на 560 ковид пациенти врз кои во „Жан Митрев“ се вршела хемофилтрација, дополнително ќе се истражува и дали имало дозвола за експериментални студии без знаење на пациенти како и класична злоупотреба на методот на хемофилтрација.
