Ништо од примирјето во Газа, Нетанјаху бара од Хамас исполнување на условите

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Израелската армија објави во неделата наутро дека примирјето не се случило во 7:30 часот бидејќи Хамас не доставил список на израелски заложници, кои требаше да бидат ослободени според договорот за примирје.

Портпаролот на израелската армија изјави дека нападите на израелската армија ќе продолжат се додека палестинската исламистичка организација не ги исполни своите обврски.

Тој додаде дека армијата е подготвена да го спроведе договорот за прекин на огнот и подготвена да одговори доколку неговите одредби бидат прекршени од Хамас.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, во последниот час пред примирјето првично да се согласи да стапи на сила во 7:30 часот, рече дека примирјето со Хамас нема да започне додека палестинското исламистичко движење не ја предаде листата на заложници, а Хамас се оправда со технички проблеми на теренот.

Нетанјаху „синоќа изврши безбедносна проценка во врска со доцнењето со добивањето на списокот со заложници што треба да бидат ослободени“, се вели во соопштението на Кабинетот на премиерот.

„Тој ја информираше израелската армија дека прекинот на огнот, кој требаше да стапи на сила во 7:30 часот, нема да започне додека Израел не добие список на заложници што треба да бидат ослободени, што Хамас се обврза да го обезбеди“, се додава во текстот.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека прекинот на огнот во Газа се одложува додека Хамас не објави список на заложници, објави Би-Би-Си во неделата наутро.

Во соопштението од неговиот кабинет се вели дека премиерот им наредил на израелските одбранбени сили (ИДФ) да не го иницираат прекинот на огнот, кој требаше да стапи на сила во 7:30 часот по средноевропско време.

Само неколку минути пред почетокот на примирјето, израелската влада објави дека се уште ги чека имињата на тројцата заложници кои денеска требаше да бидат ослободени.

Според условите на договорот, воените дејствија престануваат и 33 израелски заложници треба да бидат ослободени, во почетната фаза која ќе трае шест недели. Во замена, Израел вети дека ќе ослободи 737 палестински затвореници, а Египет објави дека „повеќе од 1.890 палестински затвореници“ ќе бидат ослободени во оваа прва фаза.