Ниту работат, ниту учат – речиси 24% од младите од 15 до 29 години се неактивни

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Речиси четвртина или 23,7 проценти од младите во земјава на возраст од 15 до 29 години, ниту работат, ниту учат, ниту се обучуваат. Податоците ги објави здружението Хера по повод Денот на младите, и порача „младите не се хаштаг, туку приоритет“.

Побараа младите да бидат рамноправни партнери во носењето одлуки и креирањето на иднината. 

Ги прашавме познавачите кои се причините за неактивноста на младите при барањето работа.

Велат, има разединување на сфаќањата, младите точно знаат што бараат при вработување и за разлика од минатите генерации, тие не би работеле ниту ден гратис.

„Они би очекувале ние многу повеќе да ги комуницираме и многу повеќе понуди да им даваме. За разлика пак од другата страна очекувањата се дека они се доста искусни во користење на социјалните медиуми и многу полесно би комуницирале со нас. Значи тука постои голема разлика. Потоа голема разлика е во тоа што нашите очекувања се дека секој треба да почне скала по скала. Нивните очекувања се дека веднаш треба да одат на највисоката скала. И тоа се нормални нивни очекувања и ние треба да ги разбереме“, вели Дарко Велков.

Велков смета дека треба да се променат многу закони и да им се овозможи на младите од најрана возраст да бидат вклучени во бизнисот и во индустријата, да бидат и практиканти да бидат и учесници во бизнисот.

Според Здружението „ХEРА“- Асоцијација за здравствена едукација и истражување, тоа што 23,7 проценти од младите се неактивни е загрижувачки податок, бидејќи е далеку над европскиот просек и сериозен сигнал за системска негрижа за оваа генерација.

„Податоците од најновата Национална стратегија за млади 2023–2027 укажуваат дека младите во земјата се соочуваат со ограничен пристап до услуги, ниско ниво на учество во јавниот живот и недоверба во институциите. Повеќе од две третини од младите, сметаат дека не се вклучени соодветно во процесот на донесување на одлуки и дури 70% од младите не се заинтересирани за политиката“, велат од Здружение Кира.

Воедно од таму алармираат и дека ситуацијата со менталното здравје е подеднакво загрижувачка. Дури 64% од девојчињата на 15-годишна возраст чувствуваат две или повеќе психосоматски тегоби еднаш неделно, а дури 53% имаат депресивно расположение.

Инаку, податоците пак на Агенцијата за вработување покажуваат дека во земјава во јуни имало над 97.000 невработени и 43.700 други лица кои бараат работа. Од невработените, 18.719 или речиси петтина, се на возраст од 15 до 29 години. Податоците покажуваат дека речиси 22.000 лица чекаат работа од 5 до 7 години, а речиси 13.000 повеќе од 8 години. Најголем дел, речиси 58.000 се без образование и со основно. А на списокот се и 622 магистри и 25 доктори на науки.