Нов инцидент помеѓу Косово и Србија – српски специјалци уапсиле косовски полицајци

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Полицијата на Косово објави дека тројца нејзини припадници околу пладне биле киднапирани од маскирани лица од Србија, на еден од патиштата во северно Косово, на меѓудржавната граница, што се користи од српски криминални групи за нелегален премин и шверц од Србија.

Според соопштението на косовската полиција киднапирањето се случило во месноста Тресава/Баре, каде што тројцата полицајци биле на должност на тамошниот статичен пункт. Полицајците јавиле во полициската централа дека забележале маскирани и вооружени лица, а кога на местото на настанот пристигнале дополнителни единици на КП, таму било пронајдено службеното возило, но не и полицајците.

Медиумите во Белград тврдат дека косовските полицајци се уапсени на српска територија, при што објавија и фотографии од апсењето на униформирани лица кои се наводно косовски полицајци.

Петар Петковиќ, директор на српската канцеларија за Косово изјави дека косовските полицајци биле длабоко на територијата на Србија. Како што вели тој, тројцата биле вооружени со автоматско оружје и со целосна воена опрема со Џи Пи Ес уреди, мапи и друга опрема.

Приштинските медиуми, пак, напоменуваат дека денешниот инцидент се случи ден откако во Северна Митровица беше уапсено лицето Милун Миленковиќ – Луне, за кого се вели дека е еден од водачите на нелегалната организација, поддржувана од Белград, позната како „Цивилна заштита“ и организатор на нападите врз припадниците на КФОР и косовската полиција за време на неодамнешните протести на косовските Срби во Звечане.

Како револт од денешниот инцидент, Косовската влада денеска одлучи да забрани увоз на сите производи од Србија.