Нов обид за промена на изборниот модел – малите партии бараат една изборна единица и отворени листи

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Нов обид на помалите политички партии да издејствуваат промена на изборниот модел откако тоа во неколку наврати не им успеа. Една изборна единица наместо 6 и отворени изборни листи со пропорционален модел без изборен праг, ова се нивните барања за кои отворено се бара поголемите политички партии да изградат консензус. Пратениците кои стојат зад оваа иницијатива велат дека со ваквите измени ќе се почитува волјата на граѓаните на изборите. Со постојниот модел ние сме како во трка на илјада метри во која големи партии имаат 500 метри предност, вели Павле Трајанов од Демократски сојуз.

„Овој процес да се одвива во две фази. Првата фаза, парламентот да започне расправа за една изборна единица и некаде до 15 јануари да се донесе овој закон. Но би било во ред доколку се направат системски реформи на изборното законодавство каде што навистина имаме ние системска предност на 4 големи политички партии. Ние другите политички партии сме во нерамноправна положба, немаме исти стартни основи и затоа е тешко да се променат состојбите во државата“, посочи Павле Трајанов.

Покрај наведените барања, од ДОМ се став дека во Изборниот законик треба да биде предвидено со еднаква застапеност на мажи и жени на листите. Претседателката на партијата Маја Морачанин вели дека со ваквите промени малите партии нема да влегуваат во коалиции со големите.

„Доколку се усвои овој изборен модел со една изборна единица без праг, тогаш практично и ќе нема потреба, еве условно помалите политички партии да влегуваат во некои предизборни коалиции, туку ќе може секоја партија самостојно да си настапи на избори да ја презентира својата програма и потоа врз основа на добиената поддршка од граѓаните, каде што е тоа секаде во демократските земји да прави договори за понатамошно коалицирање“, додаде Маја Морачанин.

Не е само прашањето на опстојувањето на малите политички партии, туку на секои избори, се губат голем број гласови од граѓаните.

„Ние имаме на секои парламентарни избори околу 50 до 70 илјади гласови на граѓани кои буквално провејуваат во воздух и тие граѓани не се соодветно застапени во парламентот. Нам може да ни се допаѓаат или не одредени идеологии, можеби има порадикални идеологии и полиберални, меѓутоа гласот на секој граѓанин треба да биде застапен и јас се надевам дека конечно сите заедно без оглед на политичките идеологии кои што ги носиме, ќе застанеме цврсто во одбрана на ова законско решение“, вели Моника Зајкова.

Претходните обиди на помалите партии да се донесе нов изборен модел пропадна поради тоа што ВМРО-ДПМНЕ не се согласуваше и бараше мнозински систем, а исто така и ДУИ остана на ставот да има три изборни единици. СДСМ начелно беше согласен со барањата на малите партии, но не се презеде ништо за тоа да се реализира.