Нови 500 милиони евра заем од европска држава за изградба на локални, регионални и експресни патишта, најави премиерот Христијан Мицкоски. Тој беше тајновит од каде ќе дојдат овие пари.
Новинар: Овие 500 милиони пак од Унгарија ќе бидат или од друга земја. Отприлика?
Мицкоски: Бидете спокојни, ќе дознаете.
Мицкоски вели дека општинските проекти пред се ќе се финансираат од буџетот, или со евтини заеми од странство, како што беше кредитот од Унгарија во висина од половина милијарда евра од кои 250 завршија како кредити за компаниите, а другите 250 за општински проекти. Тој вели дека засега нема да ја враќаат опцијата што се обидоа да ја спроведат додека беа во опозиција за издавање на општински обврзници, чии средства ќе беа наменети токму за комунално – инфраструктурни проекти.
„Дали тоа ќе биде директно преку буџетот или ова што вие викате да се обидеме да стерилизираме ваков тип на финансиски инструменти, се е опција. Не велиме не. Битно е дека најголемиот дел од општините се консолидирани“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Мицкоски најави и дека по оставката на директорката на Комисијата за хартии од вредност, Собранието наскоро ќе именува нов прв човек на оваа институција, со што ќе продолжи непречено да работи. Од работата на оваа институција зависи функционирањето на Македонската берза како и можноста компаниите да издаваат нови или за првпат акции, како и институциите обврзници.
„Очекува овој месец тој процес да се закружи, да се избере новото раководство на Комисијата за хартии од вредност и ова што ви го споменавте, да се операционализира. Јас поздравувам и поддржувам секогаш иновации“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Во моментов има неколку најави за Иницијална првична понуда на акции на Берзата, нешто што не се случило во минативе 29 години откако е формирана.
