Нова депонија во село Љубош, жителите велат: Дупката треба да се покрие со земја, а не со градежен шут

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во селото Љубош, општина Студеничани се создава нова депонија, која е оддалечена само 100 метри од основното училиште „Алија Авдовиќ“. Станува збор за ископана дупка од цементарницата „УСЈЕ“, а по завршувањето на работите требаше да се врати во првобитната состојба. Но, реалната состојба е сосема поинаква. Сега таму се фрла градежен отпад.

„Жителите на ова село зад камерите се жалат дека овој дел требаше да се покрие со земја од страна на Цементарница, а од таму велат дека тие ангажирале турска фирма за да го направи тоа. Жителите велат дека во текот на денот доаѓаат камиони кои таму фрлаат земја, а во ноќните часови доаѓаат и фрлаат градежен отпад.“, вели репортерот на ТВ21.

Директорот на основно училиште кое се наоѓа во непосредна близина, дури испратил претставка до општина Студеничани итно да се стопира фрлањето отпад, но како што информираа, засега не добиле одговор.

Тв21 побара став од општина Студеничани. Градоначалникот Азем Садику немаше сознанија за состојбата на терен, но рече дека ќе испрати инспектори за урбанизам, а штом ќе добие докази за тоа, ќе преземе мерки. Негира дека училиштето испратило претставка до општината.

Тв21 доби одговор и од Цементарницата Усје, а од таму велат:

„Со оглед на тоа дека на овој површински коп е завршена експлоатацијата, во тек се активностите според Планот за техничка рекултивација, кој го изработија експерти од Универзитет Гоце Делчев-Штип и кој е во склад со Б Интегрираната дозвола. Според овој план се предвидува депонирање на инертен материјал (градежен шут и глина од ископи) во долниот дел, над кој се предвидува површински слој од плодна почва со дебелина од 0.3 до 1 метар. Пополнувањето со инертен материјал, меѓу кои е и градежен шут се врши со цел да се добие поголема геомеханичка стабилност на теренот“.

Европската комисија минатата година потврди дека еколошката состојба во нашата земја е лоша. Според нивниот извештај, Северна Македонија треба значително да ги зајакне своите амбиции во однос на зелената или еколошката транзиција, особено во контекст на Зелената агенда за Западен Балкан.