Нова локација за кабаст отпад во Тетово, Општината плаќа наем за земјиштето, но не се знае колку и кому

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Тетовци сега можат да фрлаат цврст отпад на патот кон селото Требош, каде општината заедно со компанијата „Заубермахер“ отвори собирен пункт. Овде ќе може да се рециклираат и фрлените материјали, изјави градоначалникот на Тетово Биљал Касами.

„За сите што фрлиле ѓубре околу контејнерите ќе треба да го донесат на оваа локација. Станува збор за важен проект во однос на подобри услови за чистотата на градот и верувам дека во соработка со граѓаните ова ќе биде чекор кон конечното решение во однос на прашањето за чистотата. Станува збор за поставување на 10 контејнери од по 5 кубни метри каде граѓаните ќе можат да донесат различни видови отпад“, рече Биљал Касами.

Претставниците на компанијата „Заубермахер“ велат дека доколку оваа фаза даде резултати, ќе има и други пунктови.

„Во првата фаза ќе собираме цврст отпад, хартија, пластика и електроника, додека со текот на времето овој пункт ќе се проширува. Доколку ова биде добро прифатено од граѓаните, следната година ќе направиме уште еден собирен центар, од другата страна на градот, за жителите да го имаат поблиску.“, изјави Роберт Рајиќ.


Локацијата каде што ќе се собира овој отпад е изнајмена, која општината ја плаќа, но градоначалникот Касами не знаел колку ќе платат.

„Закупнината ја плаќа општината затоа што според договорот општината мора да обезбеди локација или државно земјиште или да плати кирија и за локацијата во Палчишта која е привремено решение додека не најдеме државно земјиште, ние како општина ги обезбедуваме локациите и ако се приватно земјиште плаќаме и кирија“, рече Касами.

-Колку е киријата?

„Треба со општината, ова ќе им го дадеме како писмен одговор“, изјави Касами.

По завршување на настанот испративме прашање до општина Тетово колкава е киријата, времетраењето на договорот и кому ќе му плаќаат наем, но не добивме одговор.