Нова турска инвестиција во Тетово: Нови работни места и 20 милиони евра во автомобилската индустрија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Уште една компанија за производство на инсталациски кабли за возила доаѓа во Македонија. Турскиот инвеститор „Каво Отомотив“ од крајот на септември се очекува да започне производство во фабриката што треба да се изгради во индустриската зона во Тетово. Министерот за економија Дурмиши рече дека компанијата за автомобилски делови, со инвестиција од 20 милиони евра, ќе отвори околу 500 нови работни места за регионот на Полог.

„Овој модел покажува дека соработката меѓу државата и приватниот сектор може да создаде услови за реализација на големи инвестиции кои директно влијаат врз локалниот и националниот економски развој. Компанијата ‘Cavo Otomotiv’ е меѓународно позната, со долгогодишно искуство во автомобилската индустрија и производствени капацитети во неколку земји од регионот. Нејзината одлука да префрли дел од производството од Турција и Словачка во нашата земја е сигнал на доверба во нашата економија.“, рече Дурмиши.

За разлика од министерот кој рече 500 нови работни места, директорот на Технолошко-индустриските развојни зони Гоце Димовски рече дека ќе има 400 нови вработувања. Според него, извозот од производството ќе биде двојно поголем од почетната инвестиција. Станува збор за сектор за производство на автомобилски кабли.

„Станува збор за производство на високотехнолошки автомобилски кабли, базирани на модерни автоматизирани процеси и технологии, кои го подигаат производственото ниво во нашата држава и придонесуваат за развој на квалификуван кадар со нови знаења. ‘Cavo Otomotiv’ планира сериозен инвестициски циклус во Македонија, а според бизнис планот инвестицијата ќе достигне 20 милиони евра со вработување на повеќе од 400 лица. Планот на компанијата е овој инвестициски проект да создаде годишен извоз од 45 милиони евра.“, изјави Димовски.

Властите наведоа дека компанијата ќе добие државна помош како странски инвеститор преку фискални олеснувања, ослободување од придонеси за работниците во одреден период и користење земјиште во индустриската зона.

Се потсетува дека пред неколку години странската автомобилска компанија „E-GO“ не успеа да ја реализира инвестицијата за производство на електрични возила токму во индустриската зона во Тетово, но властите велат дека тоа е минато и дека оваа нова инвестиција е веќе обезбедена со потпишан билатерален договор.