Изгледаш многу убаво. Ова е одговорот на министерот за здравство Фатмир Меџити на постара граѓанка која барала ленти, а на која и биле отстранети две ребра поради канцер, преживеала и четири операции, воедно и бил изваден и еден бубрег.
Министерот Меџити се соочи со оваа жена веднаш по посетата на поликлиниката „Јане Сандански“, каде со матичните лекари разговараше за тоа како оди новата мерка со која веќе не треба да се препишуваат терапии за хронични болести од специјалисти. Меџити вели дека само вчера матичните лекари им дале терапија на 506 пациенти.
Оваа мерка ја поздрави Здружението на приватни лекари на Македонија. Претседателката Лили Чолакова Дервишова за СДК.мк вели дека за ова се борат уште од 2018. Но, како што додава, потребна е и промена на анексот на договорот со фондот за здравство.
Но, за ВМРО-ДПМНЕ оваа мерка не функционира и не е јасна. Според нив, не е јасно какви услуги ќе можат да добијат пациентите од матичниот лекар и не е посочено какви лекови ќе можат да добиваат од нив.
