Нова опрема за модернизирање на Армијата. Соединетите Американски Држави испорачаа 29 оклопни возила во касарната „Јане Сандански“ во Штип кои се дел од договорот меѓу Македонија и САД. Овие возила ќе придонесат за поголема подготвеност на македонските оружени сили и се дел од постојаната поддршка за модернизација на македонските одбранбени капацитети потребни за НАТО, истакна амбасадорката на САД Анџела Агелер.
„Од самиот почеток на оваа програма во 2019 година нашите напори резултираа со испораката на 67 возила од ваков карактер, вклучувајќи ги и 29-те возила кои што ги донесовме денес. Овие лесни оклопни возила ќе бидат и ќе претставуваат рбетот на Северна Македонија и конкретно на лесната пешадиско баталјонска која што всушност претставуваат физичко отсликување на улогата која што вие ја имате како одлучен сојузник во НАТО“, порача Анџела Агелер.

Кога вложувате во модернизирање на Армијата вложувате во мир и одбрана на сопствената татковина, порача премиерот Мицкоски. Тој рече и дека тука голема улога имаат и коридорите 8 и 10 кои се важни логистичка поддршка на јужното крило на НАТО.
„Јас сум навистина горд што ете полека но сигурно се доекипираме, се комплетираме и ја јакнеме македонската Армија. Кога зборуваме за вложување во Армијата, зборуваме и за изградба и м модернизација и реконструкција на две многу важни коридори тоа се Коридорот 10 и Коридорот 8, кои што во суштина, не само сега туку и во иднина ќе претставуваат одлична логистика за јужното крило на НАТО каде што и ние како Македонија припаѓаме“, вели Христијан Мицкоски.
Капацитетите на Армијата продолжуваат да се зајакнуваат, истакна министерот за одбрана Владо Мисајловски, кој најави дека до крајот на годинава се очекуваат да пристигнат уште оклопни возила.
„Вкупната бројка на Џи-еЛ-Ти-Ви возила, лесните оклопни возила е 67 од вкупно 96 колку што опфаќа овој проект. Очекуваме до крајот на годината да стигнат сите останати возила. Минатиот декември потпишавме и 7 нови договори со САД, проекти кои се во процес на реализација а се однесуваат за набавка и опрема на специјалните сили, набавка на беспилотни системи, опрема за сајбер заштита, лесно пешадиско вооружување, средства за лична заштита и комплет за контрола на здружен оган“, вели Владо Мисајловски.
На презентацијата на возилата во штипската касарна присуствуваше и армискиот врв, на чело со началникот на Генералштабот Сашо Лафчиски.
