Првата мерка е продолжување на исплатата на субвенции на платите во стопанството со цел да се поддржат компаниите но и работниците да ги задржат работните места. Овој пат мерката е скалеста и ќе се движи од досегашните 14.500 до 21.700 денари за што се предвидени 70 милиони евра. Во втората мерка ќе има платежни картички од 6 илјади денари и тоа за неколку категории граѓани.
„Овој пат платежните картички се со износ од 6 илјади денари и ќе добијат 5 илјади 726 самохрани родители, пензионери со пензии до 15 илјади денари, односно 182. 271 наш сограѓанин пензионер, невработени кои се пасивни баратели на работа односно 85.108 граѓани, самостојните уметници, филмските работници, културните работници, естрадни работници чија бројка е 520 корисници“, истакна Зоран Заев.
Се предвидуваат и грантови за ресторани за свадби, игротеки, туристички агенции, како едни од најпогодените сектори. За време на празничниот викенд , 10,11 и 12 октомври се воведува викенд без ДДВ. Обемниот сет мерки предвидува од јануари нови 100 милиони евра поволни кредити за компаниите, како и дополнително одложување на отплатата на кредитите за компаниите до крајот на годината. Компаниите кои ќе аплицираат за мерките да ги вратат отпуштените вработени, побара премиерот.
„За сите оние кои што ќе имаат право на аплицирање пораката прва што ја испраќаме, доколку сте отпуштиле работници бујрум нека повелат овие денови пред аплицирањето ги вратат работниците за да ја одржат севкупната бројка на вработени. Периодот кој што го споредуваме е почетокот на Ковидот а тоа е први април до 31 август оваа година“, посочи Заев.
Заев рече дека за овие мерки разговарале и со опозицијата, но веднаш по презентацијата на четвртиот пакет мерки на прес конференција излезе лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој ги критикуваше мерките. Тој рече дека не само што е задоцнет и дека нема да им помогне на граѓаните, туку и натаму ќе ја продлабочи тешката состојба.
„Четвртиот пакет на мерки е промашен обид за да се дефокусира вниманието од вистинските проблеми. Мафијата ќе стане побогата а народот посиромашен. Досегашните три пакети мерки беа лошо насочени и недоволни за да ги амортизираат негативните ефекти од кризата и нивната единствена цел беше предизборен и институционален поткуп“, обвини Христијан Мицкоски.
Четвртиот пакет кој содржи 31 мерка е со вкупна вредност 470 милиони евра а заедно со претходните три надминува милијарда евра. Со овој пакет мерки се очекува да бидат опфатени над 600 илјади граѓани.
