Нови 5 години за легализација на дивоградбите – ќе се поттикнат нови бесправни градби и уште повеќе корупција смета опозицијата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Остри спротивставености на власта и опозицијата околу потребата за продолжување за уште 5 години на легализација на дивоградбите и законот да важи до 2031 година. Ова решение кое е донесено уште во 2011 година се покажа како нефункционално и продуцира нови дивоградби и уште повеќе корупција истакна координаторот на СДСМ Оливер Спасовски.

„Факт е дека ако не се смени нешто друго во начинот на урбанистичкото планирање, во законот за градење ние ќе бидеме приморани повторно и повторно да се соочуваме со нови дивоградби во државата и ако погледнеме од моментот на  престанување на рокот за пријавување во 2011 година до денеска повторно имаме илјадници дивоградби кои што се изградија на територијата на државата“, рече Оливер Спасовски.

Според Реџеп Исмаил од Левица законот веќе 15 години се изигрува со тоа што се дава една изјава на нотар дека објектот е дивоградба од 2011 година.

„Со ова законско решение практично ние во правиме бесмислено кривичното дело бесправно градење. Мислам зошто постои такво нешто, дајте тоа да го укинеме и сите нека градат кај сакаат и потоа да ги легализираме. Сега приоритет на ЗЕЛС е дека треба да се продолжи законот да се долегализираат нелегалните градби и да се изградат уште повеќе нелегални градби и тие да имаат можност пак да аплицираат и се разбира хотелот на Мијалков да може комплетно да се легализира“, рече Реџеп Исмаил.

Власта со став дека целта е граѓаните да не останат со нерешени статуси а дека законот не дозволува нови дивоградби.

„Продолжувањето на рокот не создава можност за доставување на нови барања значи не се работи за нови барања, се работи за постоечки барања кои се доставени до сега и овие барања може да се проследат и за 5 години. Има ексклузивно право за завршување на сега почнатите постапки во склад со истиот закон“, порача Беким Ќоку.

Малиша Станковиќ од владејачката коалиција сепак признава дека системот во овој дел воопшто не функционира.

„15 години подоцна се уште имаме нерешени предмети, 15 години подоцна системот и понатаму не функционира. И повторно, јас се сложувам со колегите кои што го поднеле ова законско решение, ставени во еден правен вакуум ние мораме да го продолжиме рокот. Јас ги разбирам колегите јас ќе го поддржам законското решение од таа гледна точка. Меѓутоа ние мораме да бидеме свесни дека системот во државата не функционира. Системот кој што не функционирал до 2011 продолжува да  не функционира и понатаму“, вели Малиша Станковиќ.

Прв пат овој закон е донесен во 2011 година и со гласањето на продолжување на рокот за 5 години односно до 2031 година, законот за легализација на дивоградбите ќе важи 20 години.