Нови автобуси! Одредена цената на билетите – за студентите поскапо отколку за вработените во општината

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Општинскиот совет на Тетово даде зелено светло за петте автобуси да преминат во сопственост на претпријатието Тетово Транспорт. Одлучено е и за цената на билетите, за што имаше несогласувања бидејќи за студентите билетите се поскапи отколку за вработените во општината. Студентите ќе плаќаат по 600 денари за месечен билет, а вработените во општината по 450 денари. За ова реагираа советниците на Беса и Алијанса.

„Станува збор за дисбаланс во цените. Луѓето кои имаат повеќе, за нив цените се пониски, за разлика од студентите кои немаат никакви приходи. Ние треба да им помогнеме, бидејќи за нив цената е повисока. Категорија која воопшто не беше вметната се социјалните случаи, односно оние кои воопшто немаат приходи или пак само земаат плата 250 евра“, истакна Бесар Дурмиши.

„Нема смисла студентите да плаќаат помалку од вработените во општината“, вели Ариф Селмани.

Директорот на претпријатието Тетово Транспорт, Фесаљ Беадини рече дека ценовникот е почетен а во иднина не ја исклучи можноста да се додаде и некоја нова категорија.

„Најпрвин овој ценовник треба да добие зелено светло за да функционира јавниот превоз. Потоа, согласно анализите кои ќе се вратат во претпријатието, не се исклучува можноста да се опфатат и други категории за услугата на јавен превоз“, истакна Фесаљ Беадини.

Билет за еден правец ќе чини 20 денари, месечен билет 900 денари, а годишен 9000 денари. За пензионери над 62 години и лица со инвалидитет месечниот билет ќе чини 350 денари а годишниот 3500 денари. За лицата со над 80% инвалидитет ќе биде бесплатно. Во Тетово ќе има редовни линии но до сега се уште не е одлучено на кои улици ќе сообраќаат автобусите. Инаку за активирање на новите автобуси, претпријатието треба да отвори конкурс и да се лиценцираат автобуските линии, а поради овие процедури Тетово ќе остане без транспорт уште неколку месеци.