Здруженијата на Македонците во Бугарија ја осудуваат изјавата на бугарскиот претседател Румен Радев со која тој му одговори на македонскиот премиер Мицкоски за изјавата дека Договорот за добрососедство може да се репреговара.
„Цинизам е претседател на држава каде што редовно се кршат човековите права и има толку многу критики од меѓународните институции за правата на човекот и толку многу пресуди во судот за човекови права во Стразбур да ги изговори овие зборови. Да, Бугарија ги тепаше своите граѓани со македонска самосвест во годините на демократијата и да, имаше напади врз македонски собири и врз македонски клубови . Разликата е што за тоа во Бугарија апсолутно никој не е суден, ниту осуден, ниту казнет“, велат од заедницата на Македонци во Бугарија.
Бугарскиот претседател Радев како и грчкиот премиер Киријакос Мицотакис на средбата во Атина покрај други теми зборувале и за Македонија. Во врска со повикот на Мицкоски за репреговарање, Радев истакнал дека македонското државно раководство очигледно не е подготвено и нема познавање од уставно право.
„На властите во Скопје им недостиг познавање на уставно право. Очигледно немаат познавања и во однос на европското законодавство за тоа, дека кога има заклучоци на Советот, усвоени со консензус, тие не се објект на пазарења, туку треба да се исполнуваат“, вели Румен Радев.
Деновиве и амбасадорите на САД и ЕУ децидно забележаа дека репреговарање на Договор кој веќе е постигнат не може да има. Сепак Мицкоски на ваквата изјава на Радев рече дека ваквата реторика треба да биде оставена во средниот век.
„Ако тие одлучиле така да тераат, јас мислев дека ваквиот тип на однесување сме го оставиле во средниот век. Мислев дека сега во 21-от век треба да зборуваме како заеднички да ја развиваме нашата заедничка економија, образование, туризам, луѓето да ги вмрежуваме, да ги зближуваме. Јас сум подготвен за тоа да зборувам. И мислам дека од таа страна моите соговорници треба да ги преиспитаат овие свои изјави и начин на однесување“, додава Христијан Мицкоски.
Во однос на засилената бугарска пропаганда која по спроведениот попис во Албанија резултираше и со зголемен број на Бугари на сметка на Македонците, Мицкоски рече дека тоа е резултат на просторот што го оставила претходната влада за туѓа пропаганда.
„Таа асимилаторска политика од страна на нашиот источен сосед не е само кај Македонците, ако ги видите бројките ќе видите дека зафаќа голем дел и од останатите граѓани во Албанија. И сега се поставува прашањето бидејќи во Албанија има скоро три пати повеќе кои што се изјаснуваат како дел од бугарската заедница дали и за Албанија ќе имаме услов за тие да бидат во Преамбулата на Албанија“, вели Христијан Мицкоски.
Бројот на попишани Бугари во Албанија е 7.957 а на Македонци е 2.281. Македонците во Албанија претходно реагираат дека се прават притисоци да се попишат како Бугари за што им биле давани ветувања за работа во ЕУ и стипендии.
