Новите генерации, најверојатно, повеќе нема да ги читаат истите книги, односно лектири, што ги читале нивните родители.
Министерството за образование и науката и Бирото за развој на образованието предложија ревизија на дел од лектирите во основното образование, со цел да се модернизира наставната програма според содржините и вредностите што треба да им се пренесат на учениците.
Заменик-министерот за образование, Лулзим Алиу, уверува дека класичните лектири нема да бидат отстранети, но ќе им се отвори пат на нови автори и на теми што се поврзани со современиот живот.
Можеме да зборуваме за книжевните жанрови што треба да бидат опфатени, бидејќи тие се дел од програмите — поезија, проза, драма — и колку што сум забележал, сите тие жанрови се вклучени. Комисијата што ќе ја формира Бирото за развој на образованието, која на крај ќе ја донесе финалната листа на лектири, ќе се води токму од тоа – да бидат застапени сите книжевни жанрови, вели Лулзим Алиу – заменик министер за образование и наука.
Професорката на Катедрата за албански јазик и литература, Ајтен Џамили, смета дека книгите што треба да се освежат се оние со „комунистички дух“, додека албанската книжевност треба да остане присутна, но поврзана со современото време.
Што треба да се направи? Така и досега работеле комисиите — паралелно се разгледува и светската литература, односно оние дела што се актуелни насекаде во светот и се преведени на најквалитетен можен начин – на албански, турски и македонски јазик, затоа што тие книги се користат паралелно на сите три јазици. А оние што се од нашата литература е добро да останат, за да се поврзат со современото време, изјави Ајтен Џамили, професорка по Албански јазик и литература.
Кога точно ќе бидат заменети старите лектири со новите, засега не е познато, бидејќи на овој процес ќе му претходи јавна дебата која треба да заврши до крајот на ноември.
