Нови несогласувања меѓу ДУИ и Вреди – Муртезани: Законот за јазиците успешно се имплементира години наназад

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Иницијативата за оценка на Законот за употреба на јазиците која ќе се разгледува во Уставниот суд на почетокот на октомври стана причина за нови препукувања меѓу Европскиот фронт и коалицијата „Вреди“. Пратеникот од ДУИ, Блерим Беџети со остри тонови ја искритикува владејачката коалиција, одговарајќи на прашањето дали очекува Судот да го поништи законот со кој се уредува употребата на албанскиот јазик.

„Со овие измеќари, со овие слуги, со овој провокативен пристап на оваа владина коалиција сега веќе е јасно дека може се да се очекува“, вели Блерим Беџети.

Од друга страна, министерот од редовите на „Вреди“, Орхан Муртезани во телевизиско интервју кажа дека Уставниот суд веројатно има предвид дека станува збор за иницијатива која има и безбедносен и политички карактер.

„Нема никаква смисла повторно да се разгледуваат одредени законски решенија коишто успешно години наназад се имплементираат.“, вели Орхан Муртезани.

Муртезани, чија коалиција оваа иницијатива до Уставниот суд ја оцени како обид за државен удар, вината ја насочи кон ДУИ и вели дека таа е предмет на дестабилизација.

„Во 2019-та година кога е поднесена иницијативата претседател на Уставниот суд е актуелниот пратеник од редовите на коалицијата предводена од ДУИ и истата од 2019 до сега е чувана во фиока, за денес да им служи за нивните агенди за евентуална дестабилизација.“, вели Орхан Муртезани.

Претходно премиерот Христијан Мицкоски нагласи дека одлуката на Уставниот суд ќе се почитува каква и да е, бидејќи, како што додаде, не живееме во анархија.