Нови сали, но недостиг на кадар – се реновира болницата „8 Септември“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во болницата „8 Септември“ во Скопје целосно се реконструирани оперативниот блок, интензивната нега, патологија, клиничката лабораторија и покривот. Реновираниот дел ќе биде пуштен во употреба во рок од еден или два месеци, откако ќе заврши дезинфекцијата на објектот и обуката на персоналот за новата опрема која веќе е инсталирана, информираше директорот на оваа здравствена установа, Синиша Стојановски. Тој рече дека листата на чекање на пациентите за операции ќе се преполови, но за тоа не се потребни само нови сали, туку и кадар, кој според директорот, има недостиг. Стојановски оценува дека пациентите треба да добиваат здравствени услуги и во градовите каде што живеат, наместо речиси сè да биде концентрирано во главниот град.

„Централизацијата е штетна за здравството во земјата, треба да направиме регионализација и рамномерен здравствен развој. Пациентите треба да добиваат ист квалитет на услуга и во местата каде што живеат, дали тоа ќе го направиме со ротации на персоналот, дали ќе го направиме со екипирање на центрите надвор од Скопје, треба да седнеме и да се договориме, само тогаш листите на чекање ќе се преполоват“, вели Стојановски.

Жалбата на директорот ја слушна и министерот за здравство Азир Алиу кој присуствуваше на промоцијата на новите простории. Тој рече дека работат на долгорочна стратегија за надминување на овој проблем и краткорочно решение за надминување на овој недостиг.

„Здравствени капацитети, експерти или професионалци не се создаваат за еден ден, ниту за една недела или две години, туку се создаваат за 5 – 10 години. Ние за првпат правиме национална стратегија за човечки капацитети во здравството, заедно со Министерството за образование ќе го предвидиме бројот на капацитети и перформанси – од медицински сестри, доктори, специјалисти и се надевам дека таа национална стратегија ќе помогне по пет години повеќе да не се зборува на темата колку лекари или медицински сестри ни се потребни“, рече Алиу.

Инаку, реновирањето е инвестиција на ТАВ аеродроми, додека директорот на ТАВ Македонија, Неџат Курт, рече дека проектот опфаќа 4.334 квадратни метри реконструиран простор. Според Курт, оперативните сали и одделите за интензивна нега се опремени со модерна технологија според најновите медицински стандарди, додека дел од опремата е единствена и ја нема во други институции во регионот.