Нови возила, но кадарот „старее“ – кратења во администрацијата на „Пошта“, нови вработувања на поштари

НАЈНОВИ ВЕСТИ

-Во двете години откако сум директор, платата доцнела само еден месец и во рокот предвиден со закон, од 1 до 15-ти, доцневме само еден ден – на 16-ти им ги исплативме платите. Се стабилизираме! Во минатото беше проблематично бидејќи по 2-3 месеци не земале плата, изјави директорот на Пошта, Орхан Куртиши.

Поштата на Македонија доби 100 нови возила, но просечната возраст на вработените е 55 години. Недостатокот на возила и поштари на терен во минатото доведе до тоа околу 600 илјади пратки да останат во поштенските магацини. Лошите услови за работа во ова државно акционерско друштво придонесоа минатата година да заврши со загуба од 5 милиони евра. Но новиот менаџмент вели дека со намалување на бројот на административци и затворање на некои поштенски пунктови ќе се зголеми ефикасноста на поштарите во брзината на доставата и ќе се зголеми добивката со отплата на долговите.

-Во делот на вработените, како што спомнав и претходно, во 2025 вработивме, а оваа година планираме 120 нови вработувања, кои ќе бидат во технолошкиот дел, возачи и во делот на дистрибуција на пакети … Направивме скенирање на состојбата уште на почетокот, имаше проблеми, но некои почнаа да се решаваат, а некои лица ги отстранивме, така што во моментов сме стабилни и верувам дека во иднина нема да дозволиме вакви ситуации да се повторат! – изјави директорот на Пошта, Орхан Куртиши.

Министерот за транспорт, Александар Николоски, истакна дека оваа институција била запоставена од претходната влада, за која се подготвувале физибилити студии за продажба и приватизација. Но, тој се обврза дека ќе ја обноват како државен ресурс. Инвестицијата за новите возила изнесува околу два милиони евра. Во описот на новите возила, тој рече дека 10 комбиња имаат носивост од 750 килограми, додека поголемите имаат носивост од 1.800 килограми, што, како што додаде, ќе помогне за побрза испорака на пакети, што е главната дејност на „Пошта“.

„Над 75% од финансискиот промет во државата го прави Поштата на Македонија, но кога ќе се погледне страната на приходите е спротивно, што значи дека либерализацијата на пазарот наместо да создаде конкурентност, создава монопол на приватните пошти, кои ги преземаат најпрофитабилните бизниси, а не се заинтересирани да испратат писмо од Скопје до Вевчани, на пример, додека Поштата на Македонија останува единствен дистрибутер на овие услуги и единствена што овозможува функционирање на државата“, изјави министерот за транспорт и врски, Александар Николоски.

Ревизорскиот извештај во 2025 година покажа дека АД „Пошта“ тоне во загуби и долгови. Од 2017 година таа е во неповолна финансиска состојба, со постојани оперативни загуби, а најголемата загуба од над 229 милиони денари или повеќе од 3,7 милиони евра е регистрирана во 2022 година. Само 59,7% од пратките се доставени навреме, додека 30,5% се доставени во рок подолг од три дена, што претставува отстапување од стандардите на Универзалната поштенска унија, која предвидува минимален стандард од 75% и максимален од 88% за успешно и навремено доставени пратки.