Денеска завршува таканаречената „Новогодишна кошница“ со која во изминативе 30 дена 1.178 прехранбени производи од 96 производители беа со намалени цени од минимум 10 отсто. Граѓаните со поделени ставови дали оваа акција која беше на иницијатива на бизнис заедницата, во договор со Владата, дала резултати.
„Не, дури почувствувавме дека се е поскапено“
„Не многу, посебно пазарењето пред Нова Година беше со истите цени. После нова година има некое намалување. Не се значителни, ама има.“
„Реален да бидам, не“
„Па имаше некое намалување, ама не знам, имаше да, малку, не знам на некои одредени производи, мали. “
„Не, не, искрено не ме интересираат цените колку се, какви се.“
„Па искрено, мислам дека немаше многу.“
Според министерството за економија и труд од каде не сакаа да дадат изјава, писмено соопштија дека се задоволни од резултатите на оваа акција.
„Податоците на статистика покажуваат дека во декември 2024 година во однос на ноември 2024 година намалувањето на трошоците за живот кај храна и безалкохолни пијалаци изнесува -0,3%. Ова покажува дека Новогодишната кошница каде што беа вклучени во најголем дел прехранбени и безалкохолни пијалаци го дала својот ефект и цените на храната и пијалаците во декември 2024 година бележат намалување во однос на ноември 2024 година.“, велат од Министерството
Но, како што укажуваше ТВ21, главните покачувања што ги направија трговците беа во ноември, пред стартот на „Новогодишната кошница“ кога цените на прехранбените производи се зголемија за 2,1 отсто во однос на октомври.
Исто така беше откриено дека дел од трговците за да го анулираат новогодишното поевтинување, поскапеа други производи кои не беа дел од акцијата.
Спротивно на фалењето на власта, опозициската СДСМ пак обвинува дека цените драстично се зголемиле. Тие денеска во соопштение истакнаа дека кошничките на власта се целосно промашување.
„Трошоците за живот во декември 2024 година се зголемени за 4,4%, основните животни производи, без кои не може да се замисли ниту еден дом, поскапеле за 4,3%.“, велат од СДСМ.
Иако и власта и опозицијата читаат исти статистики, разликата во бројките е во тоа што Министерството за економија ја споредува инфлацијата од декември и ноември 2024 година, односно за дел од периодот кога важеше „Новогодишната кошница“, додека опозицијата ги споредува инфлацијата и цените на мало за декември 2024 со истиот месец 2023 година.
Без разлика на тоа што секој ги презентираше оние податоци кои им одат само во нивна корист, дел од граѓаните велат дека во 2024 било потешко од 2023 година.
АНКЕТА:
„Тука негде. Мислам нешто потешко во 2024. “
Потешко од претходната година… А тоа значи дека има големо зголемување на цените.“
„Па се приметува некои разлики во цените, се приметуваа, поскапо за разлика од минатата година, минимална разлика.
„Во однос на цените, полошо. Цените беа повисоки и тоа драстично.“
„Па мислам дека 2023 беше многу подобро за разлика од 2024“
Според Државниот завод за статистика, лани годишната инфлација била за 3,5 насто повисока од 2023 година, а кај храната и безалкохолните пијалаци била за 2,9 насто повисока од 2023.
