НВО ја обвинуваат Владата – „нереален е испратениот извештај во УНЕСКО“

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Извештајот за природното и културното наследство на Охрид што Владата го достави до УНЕСКО не соодветствува со реалната состојба, велат граѓанските организации од Охрид, Струга и Поградец. Според нив извештајот е едноставна транскрипција и многу аспекти на овој извештај се неточни. Од 19-те главни препораки на УНЕСКО, само четири се спроведувани и тоа само делумно, велат невладините организации.

Претставниците на шеснаесет невладини организации од земјава велат дека не е прв пат да се презентира ваков извештај и главниот проблем е во тоа што државата нема комуникација со невладиниот сектор, иако тоа е предвидено според препораките на УНЕСКО.

„Голем проблем е и заштитата на Охридското Езеро и влијанието на човекот врз екосистемот. Како невладина организација секогаш ќе ги застапуваме интересите на граѓаните и направивме комуникациска стратегија која е препорака на УНЕСКО, но интересот на владата и другите институции не е како што треба да биде“, вели Ндерим Положани.

Археологот Сашо Кироски од Здружението за заштита на природните и националните ресурси вели дека во последните 15 години не е реализиран ниту еден проект од Институтот и музејот на Охрид и нема научни археолошки истражувања, иако сето тоа е предвидено со проектот на УНЕСКО што треба  да се реализира до 2029 година.

Според Аријан Мероли, истражувач и експерт за заштитени подрачја, потребна е соработка на сите вклучени во регионот, бидејќи во двете мисии на УНЕСКО во 2017 и 2020 година има голем број на забелешки за 19 препораки за кои не се преземени мерки до денес.

„Од македонска страна најдобра иницијатива е да се врати реката Сатеска во старото корито. Меѓутоа, за другите проблеми конкретно, ништо досега. Не знам што има во планот за ревитализација за кој требаше да се разговара со сите фактори во регионот“, вели Аријан Мероли.

Од невладините велат дека не се ни запознаени со планот за ревитализација и предупредија дека ќе бараат од Владата да ја почитува Комуникациската стратегија од македонска и албанска страна за да има транспарентност и резултати во заштитата.