НВО Легис: „Засега е мирно на нашата граница“ – се засилува безбедноста на македонско-грчката граница

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Состојбата на турско-грчката граница и натаму е непроменета. Илјадници мигранти се наоѓаат пред границата кои и натаму имаат судири со грчката полиција и војска кои го блокираат влезот во Грција. Откако со солзавец и шок бомби се обидоа да ги растераат мигрантите  во северниот регион Еврос, официјална Атина ја обвини Анкара дека со ширење неточни информации создава напнатост на границата. Премиерот Киријакос Мицотакис најави дека Владата на Грција на еден месец ќе го укине правото за барање азил. На македонско грчката граница за сега е мирна, нема појава на бегалци, ниту дополнителни полициски сили,  вели за ТВ21 Јасмина Костадинова од невладината ЛЕГИС.

„Немаме најава за некаков поголем бран, нема донесено повеќе бегалци, така што состојбата е премногу мирна, нема место за паника. Тензија нема некоја, нема залихи на храна, не се носи нешто дополнително, така да состојбата е премногу мирна“, истакна Јасмина Костадинова.

И властите во земјава смируваат дека се преземаат сите неопходни мерки за заштита на границата. Премиерот Оливер Спасовски вели дека состојбата се следи, а доколку дојде до отворање на рутата, мигрантите само ќе транзитираат низ земјава.

„Ако дојде до било какво отворање на рутата односно зголемувањето на бегалци низ Република Северна Македонија само може да транзитираат или времен престој до 72 часа. Соработката со опкружувањето со државите од соседството, од овој регион сме во постојана комуникација имаме добра соработка. Неколку пати сум истакнал дека прашањето на миграцијата не е прашање кое може да го реши една држава, туку треба да се изгради заемна политика поради тоа што ние сме справуваме со последици, а не го решаваме проблемот“, посочи Оливер Спасовски. 

Веќе утрово се одржа и седница на Управувачкиот комитет на која е решено покрај постојните 130 припадник на полициските сили на партнерските држави дополнително да се испратат припадници на македонската полиција и војска. Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев ни изјави дека е во постојат контакт со Фронтекс со Европската унија, со меѓународната организација за миграција, со ОБСЕ и со колегите од Грција и Бугарија.

„Управувачкиот комитет донесе одлука да се следи внимателно состојбата и навремено да се информира, да се провери жичаната ограда на македонско – грчката граница и натаму каде што е оштетена веднаш да се интервенира. Почнувајќи од денеска распоредени се 30 дополнителни припадници на посебната единица на полицијата во делот на обезбедувањето на границата помеѓу Грција и Македонија и уште 30 припадници на Армијата“, додава Наќе Чулев.

А, пред неколку дена Агенцијата на Европската унија за заштита на надворешните граници Фронтекс достави таен извештај во кој се наведува дека се очекува масовна миграција од Турција.

„Ќе биде тешко да се запрат голем број луѓе кои патуваат во Европа. Притисокот ќе расте само во наредните неколку дена, се наведува во извештајот. Натаму Фронтекс предвидува дека бегалците нема да бидат запрени со интервенцијата на турските власти доколку решат повторно да ја затворат границата кон Грција.