Вечерва, со свечено отворање во Паркот на поезијата во Струга, започнува 10-тото јубилејно издание на Дрим Шорт Филм Фестивал (DSFF), кое од 5 до 9 август ќе го претвори градот на поезијата во регионален центар на краткиот филм. Во пет фестивалски вечери, публиката ќе има можност да проследи 42 краткометражни филмови, селектирани во повеќе програмски целини, како и мастеркласови, разговори со автори и специјални фестивалски настани.
Фестивалот ќе се одржува во Паркот на поезијата, а организаторите најавуваат издание кое, покрај прославата на десетгодишниот јубилеј, ќе понуди и силна меѓународна селекција на современи краткометражни остварувања.
Овогодинешната програма е тематски распределена по фестивалски денови:
- 5 август (среда) – Свечено отворање на фестивалот;
- 6 август (четврток) – Мастерклас и студентска програма;
- 7 август (петок) – „Student Spotlight“, вечер посветена на студентските филмови;
- 8 август (сабота) – „Dutch Night“, специјална програма посветена на холандската кинематографија;
- 9 август (недела) – Завршна вечер со доделување на фестивалските награди.
Во текот на десетте години постоење, „Дрим Шорт“ се етаблираше како фестивал што ги поврзува младите автори, регионалната продукција и светските трендови во краткометражниот филм, создавајќи простор за размена на идеи, професионални контакти и промоција на нови филмски имиња.
Јубилејното издание носи уште една потврда за амбицијата на фестивалот да ја зацврсти својата позиција на европската фестивалска мапа, нудејќи богата програма што ги обединува филмската уметност, едукацијата и културната размена во уникатниот амбиент на Струга.
