Обединета македонско-албанска опозиција – Мицкоски, Села и Гаши отворени за соработка

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Опозицискиот блок, ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса за Албанците и Алтернатива, подготвени за соработка. Првиот чекор што ги води кон коалиција за локалните избори е денешната конференција на десните партии која се одржа во Скопје.

Лидерот на АА, Зијадин Села рече дека коалициите се градта врз основа на доверба, сериозност на лидерите и одржување на зборот, а додаде дека токму Зоран Заев е човекот кому му недостигаат овие квалитети.

„Ние сме заинтересирани да соработуваме и се разбира за овие работи ќе бидете информирани во иднина како што се наближуваат локалните избори“, вели Зијадин Села.

Лидерот на Алтернатива, Африм Гаши рече дека доколку сега се подаде рака за соработка за општи интерес, тоа може да продолжи и понатаму.

„Кога ќе дојде фазата на организација на локалните избори ние ќе седнеме, најпрво со г. Села, потоа и со другите партии да видиме што е најдобро за нас Албанците, за нашата земја, и ќе одлучиме“, посочи Африм Гаши.

На прашањето колку е прифатливо да соработуваат со ВМРО-ДПМНЕ после настаните на 27 април, Села рече дека не му паѓа на памет во име на 27 април да ги амнестира погрешните политики на Заев.

„Од друга страна, политичките субјекти нема зошто да бидат одговорни туку одредени индивидуи кои ги направиле тие дејствија и јас оставив со тие работи да се занимава правната држава која за жал е оваа правна држава предводена од Зоран Заев и ги остави на слобода Сашо Мијалков и од друга страна го пикна во затвор Фета Алими“, додава Зијадин Села.

Опозицискиот лидер Мицкоски рече дека му е жал за тоа што му се случи на Села на 27 април и му посака никогаш веќе да не му се повтори.