Обид за внесување дрога во Идризово – кокаин и марихуана скриени во јајца

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Основното јавно обвинителство во Скопје покрена истражна постапка против 25-годишна жена, осомничена за неовластено производство и дистрибуција на наркотични средства, по обид за внесување дрога во затворот Идризово.
Според соопштението на Обвинителството, настанот се случил на 20 мај, кога осомничената отишла на посета кај нејзиниот сопруг, кој издржува казна во затворот во Идризово. При контрола на предметите што ги носела, таа донела две пакувања кои на прв поглед изгледале како кутии со вкупно 60 јајца.

Меѓутоа, по скенирање и рачната контрола од затворските служби, било утврдено дека 28 од јајцата содржат пакувања со наркотични супстанции. Според надлежните, во нив биле пронајдени вкупно над 318 грама марихуана и над 142 грама кокаин.
Од Обвинителството информираат дека, имајќи ја предвид тежината на кривичното дело, ризикот од бегство и можноста за повторување, е побарано определување мерка куќен притвор за осомничената. При одлуката е земено предвид и дека таа е мајка на малолетни деца, меѓу кои и бебе старо пет месеци.