Првиот човек на Беса и пратеник во Собранието, Биљал Касами синоќа во „Клик Плус“, потврди дека наскоро пратеници од опозицијата, било од македонскиот или албанскиот блок, ќе му се приклучат на парламентарното мнозинство.
„Ова не се само празни зборови, напротив, имаме комуникација со сите пратеници и верувам дека наскоро може да има вакво движење, не за да заминат од еден субјект или за да поддржат некој друг, туку ќе има движење во насока на поддршка на парламентарното мнозинство. Сметам дека оваа Влада ќе треба да чекори кон процесот на евроинтеграции“, истакна Биљал Касами.
Коалициските партнери потврдуваат дека има обид – опозициски пратеници да го поддржат мнозинството. Координаторот на пратеничката група на ДУИ, Изет Меџити, сега за сега ниту ја потврдува, ниту негира ваквата информација, само вели дека има обиди.
ТВ21: Дали ДУИ води вакви разговори со опозициски пратеници или пак СДСМ?
„Ова е парламентарен живот, сите пратенички групи се тука, имаме постојана комуникација. Не негирам дека и ДУИ води вакви разговори“, вели Изет Меџити.
„Многу пратеници кои ги познаваат политиките на напредок и кои сакаат да учествуваат во евроинтегративниот процес, сами приоѓаат и разговараме за идните планови. Сигурен сум дека има и такви кои приоѓаат и кон пратениците на Беса. Кога ќе има конкретни одлуки, јавноста благовремено ќе ја информираме како што сме го правеле досега“, истакна Јован Митревски.
И додека мнозинството ветува зголемување на парламентарното мнозинство, опозицијата уверува дека никогаш не била пречка за носење закони поврзани со евроинтегративниот пат на Македонија, па затоа и координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, не разбира каде мнозинството ќе ги најде тие опозициски пратеници?!
Ниту пратениците на коалицијата Алијанса за Албанците-Алтернатива, не гледаат причина да заминат од пратеничката група, вели нивниот координатор, Скендер Реџепи. Ветува дека групата ќе поддржи секаква иницијатива или закон кој ќе биде во интерес на граѓаните.
„Не, тоа е само желба на оние кои се стремат да ги придобијат. Пратениците од Коалицијата „Сега е време“ не се на список заснован на уцени или притисоци, туку на список заснован на нивните убедувања, поврзани со програмските цели и политичките идеали. Така што, нема ниту една причина зошто би донеле таква одлука“, вели Скендер Реџепи.
Во моментов, парламентарното мнозинство се состои од 62 пратеници, што го прави „кревко“ и за закони кои за да поминат потребно е просто мнозинство од 61 пратенички глас.
Ова се потврди синоќа, кога пратеникот Биљал Касами мораше да присуствува на парламентарна седница каде се гласаше Законот за образование, поради што задоцни 20 минути во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21. Да не беше неговиот глас, законот немаше да помине.
