Една година и осум месеци казна затвор за Беким Хаџиу сопственик на компанијата Беса Транс, чиј автобус изгоре пред три години на автопат во Бугарија. Над 13 илјади евра ќе треба да плати казна ѝ компанијата, а ќе се соочи и со забрана за меѓународен транспорт во следните четири години. Пресудата е донесена за кривичното дело „фалсификување документи“
Судијата Ивица Стефановски рече дека обвинетиот Беким Хаџиу и компанијата Беса Транс неколку пати користел лажен документ, сертификат од лиценца за вршење јавен превоз на меѓународни дестинации, која воопшто не била издадена од Министерството за транспорт и врски за тој автобус. Меѓутоа, адвокатот Асмир Алиспахиќ негира дека постои таков документ кој е фалсификат.
Затоа, според Алиспахиќ, казната е многу висока.
Обвинителот Владимир Милошевски не кажа дали е задоволен од казната но спомна дека судот во целост ги прифатил доставените обвиненија од Обвинителството.
Инаку, во несреќата во која изгоре автобусот на Беса Транс во Бугарија, животот го загубија вкупно 45 лица, меѓу кои 12 деца, а 7 се здобија со повреди. За причините за несреќата во Бугарија истрагата утврди дека виновен е возачот.
