Обвиниение за Ременски во „Рекет 2“, пратеничката со реакција: „Очекувано пропагандно изнудено обвинение“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Советот за оценка на обвинителен акт на Основниот кривичен суд Скопје го одобри во целост обвинението против правното лице „Меѓународен сојуз“ и пет други физички лица за кривичните дела „Измама” и „Перење пари и други приноси од казниво дело”. Тоа значи дека на обвинителна клупа ќе се најде и пратеничката Фросина Ременски, почесен претседател на „Меѓународен сојуз“.

-Советот за оценка на обвинителен акт на Основниот кривичен суд Скопје кој постапува во оценка на обвинението со КОК ООА 1/20, на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, против правното лице Меѓународен сојуз и пет други физички лица за кривичните дела „Измама” и „Перење пари и други приноси од казниво дело”, по одржана нејавна седница како и разгледување и ценење на фактите и доказите во актот, донесе решение со кое обвинителниот акт се одобрува во целост – се наведува во соопштението од Основен кривичен суд Скопје.

Се огласи и пратеничката Ременски:

„Очекувано беше ова пропагандно изнудено обвинение во многу интересни периоди и многу “случајни” датуми. Ова е начинот на кој се отслукува немоќта/сервилноста на тие што гонат, да ги ловат и обвинуваат вистинските криминалци (ако смеат), но ќе мора сакале или не.
До главната расправа нека се договорат сите каде треба да потпишам и да ги прифатам сите обвиненија против Мијалков, Орце, Гордана, Груевски и др., за да не се мачат, еве професорката ќе одговара за сите.
Знам дека ќе победам и знам дека срамот ќе им биде голем“, напиша Ременски на својот профил на „Фејсбук“.

Покрај Ременски и Боки 13, обвинети се и таткото на Бојан Јовановски, Миле Јовановски, заменик-претседателката на Меѓународен сојуз, Јасна Мандиќ, и асистентката на Јовановски, Кристина Блажевска.

Ременски беше почесен претседател на „Меѓународниот сојуз“.