Обвинителството бара ефективни казни затвор за случајот „Тортура“

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Согласно меѓународното право и пракса сметам дека во конкретниот случај единствено изрекување на ефективни казни затвор ќе делуваат одвратувачки на сите идни можни сторители, наведе во завршен збор за случајот „Тортура“ јавниот обвинител Љубомир Лапе, а кој се однесува на апсењето на лидерот на Обединети за Македонија и поранешен министер за внатрешни работи Љубе Бошковски на 6 јуни 2011 година.

Случајот „Тортура“ го води судијката Александра Ристеска. Во него првообвинет е поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, заедно со уште шест други лица.

Во завршен збор, Обвинителот нагласи дека од сите изведени материјални и вербални докази се докажало дека обвинетите ги повредиле нормите на етичко и морално однесување и го сториле делото „мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување“ од член 142 став 1 в.в. со член 23 од Кривичниот законик. За ова дело се предвидени казни затвор од три до осум години.

–        Предлагам судот обвинетите да ги огласи за виновни и казни според законот, при што да ги цени сите околности од член 39 од КЗ, па како отежнителни околности да го цени степенот на кривична одговорност, односно дека делото е сторено по претходно планирање и ладнокрвно. Побудите од кои е сторено делото, кои во целост отстапуваат од нормите на општоприфатено поведение, јачината на загрозување и повредата на заштитеното добро, како и последиците од делото, нагласи обвинителот Лапе.

При извршување на делото, рече тој, со директна умисла е понижен Љубе Бошковски, кој настан е снимен, а потоа и јавно прикажуван на сите телевизии, поради што последицата е непоправлива и неотстранлива.

–        Околностите под кои е сторено делото, односно жртвата е целосно немоќна да се спротивстави на ваквото поведение на сторителите. Степенот на кривична одговорност согледана преку повеќекратното и повеќедневно презентирање на снимки од апсењето на сите медиуми. Вредноста на заштитеното добро, односно дека е повредено добро и право, директно заштитени со Уставот и меѓународни конвенции, истакна Лапе.

Покрај тоа што обвинетите беа соочени со огромен број непобитни докази, обвинителот нагласи, дека тие континуирано се обидуваат да ја избегнат кривичната одговорност и да се соочат со последиците од делото кое го сториле, притоа воопшто не изразувајќи каење и жалење за стореното дело.

–        За првообвинетиот Сашо Мијалков како особено отежнителна околност дека истиот е веќе осудуван, рече обвинителот Лапе во завршен збор.

Обвинителот, во својот завршен збор, посочи дека станува, збор за сложено кривично дело со повеќе алтернативни дејствија, меѓу кои употреба на сила, закана или друго дело на присила.

–        Комплексноста на кривично правниот настан во својата суштина опфаќа повеќе дејствија – од првичната непотребна употреба на прекумерна сила, легнување на земја, малтретирање, понижување и омаловажување пред камера, но и свесното и интензивно прикажување на оваа постапка пред широк аудиториум, а со јасна и директна намера на комплетно и апсолутно лично и политичко уништување на политичкиот противник, жртвата во јавност, рече Лапе.

Обвинителот Лапе, на судот му нагласи дека од „бомбите“ се гледаат сите елементи на кривичното дело и доколку се вкрстат со исказите да сведоците на апсењето и одбраната на обвинетите, се доаѓа до како што рече „несоборлив заклучок“ кој е нарачателот и кои се мотивите за ваквото апсење на Љубе Бошковски и кој фактички раководел со самата акција.

–        Токму обвинетиот Мијалков денови претходно на пријатели им ја најавувал оваа акција. Токму тој, додека Љубе Бошковски, стои со лисици врзан на лице место, на уредници на медиумите им споделува интересни детали од случајот, а потоа и дека за двете дела ќе добие казна затвор од седум-осум години, изјави Лапе.

Единствено, рече Лапе, кај обвинетиот Сашо Мијалков постои кумулација на сите околности, кои по својата природа, хронологија и динамика, очигледно не се коинциденции, туку тој е делчето од мозаикот што сликата ја прави целосна.

-Единствено тој на критичниот ден и критичното време и место ги имал и информациите и средствата за вакво апсење и единствено тој го имал и мотивот за сторување на ова кривично дело, изјави Лапе.

За кривичното дело мачење и друго сурово постапување во досегашната судска пракса кај нас, нагласи ЈО, дека нема некоја богата судска пракса и укажа на повеќе меѓународни случаи.

Во однос на роковите и употребата на „бомбите“, Лапе посочи дека веќе има правна пракса за тоа и дека преовладува јавниот интерес.

Адвокатот на оштетениот Константин Крстовалиев, рече дека оштетениот се приклучува кон завршните зборови од ЈО и истакнува оштетено побарување за нематеријална штета и претрпени физички и душевни болки во паричен износ од пет милиони денари.

Судењето треба да продолжи на 26 мај со завршни зборови на одбраната.

Прв обвинет во овој случај е поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, кој во обвинението поднесено од поранешното СЈО, е осомничен за кривично дело „мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување“ од член 142 став 1 в.в. со член 23 од КЗ. За истото кривично дело се осомничени и шест поранешни припадници на единицата „Алфа“ помеѓу кои, Ивица Анчевски, Новица Станковски, Петар Милошевски, Филип Атанасов, Јован Боцевски и Метуш Шабани.