Од Јавно обвинителство на Република Северна Македонија соопштија дека премиерот Христијан Мицкоски за првпат телефонски стапил во контакт со државниот јавен обвинител Ненад Савески, но дека во разговорот не биле дискутирани детали за запрената постапка поврзана со мазутот.
Во реакцијата од Обвинителството се наведува дека јавниот обвинител не може да спречи некого да му се јави телефонски, а разговорот со премиерот се однесувал само на веќе јавно објавени информации.
„Вчера за првпат воопшто телефонски му се јави Претседателот на Владата на РСМ, но во разговорот во ниту еден момент не стана збор за детали од конкретен предмет, вклучително и за предметот за кој покажувате интерес“, се наведува во соопштението.
Од Обвинителството додаваат дека на прашање од Мицкоски, на премиерот му било пренесено истото што претходно било соопштено и во јавноста – дека предметот не бил рефериран во републичкото обвинителство и дека државниот јавен обвинител за одлуката дознал дури по нејзиното донесување.
Во соопштението се потенцира дека предметниот обвинител од Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција постапува самостојно, согласно Законот за јавното обвинителство.
„Обвинителството се организира според принципите на хиерархија и субординација, но почитувањето на овие принципи не смее да ја загрози самостојноста и одговорноста на секој јавен обвинител во вршењето на функцијата“, наведуваат од институцијата, повикувајќи се на член 3 од Законот за јавното обвинителство.
Од таму потсетуваат дека уставно загарантираната самостојност на Јавното обвинителство е обврска што мора да ја почитуваат сите институции и носители на функции.
