Прашањето со отпадот, по сторијата објавена пред неколку дена на ТВ21, предизвика реакции кај политичките партии во Кичево. Еден ден по објавувањето на веста за фрлање отпад од страна на комуналното претпријатие Кичево во рудникот Осломеј, со писмена реакција се јави огранокот на Алтернатива во Кичево. Тие го потсетија Фатмир Дехари дека ова му е трет мандат, го потсетија и на зелената агенда и слоганот „Ве сакаме со дела“
По нивната реакција, веднаш следеше реакција на огранокот на ДУИ во Кичево. Реакцијата на Алтернатива ја нарекуваат лицемерие, барајќи од нив да дејствуваат затоа што се дел од власта.
„Се поставува прашањето зошто сте на власт? Само поради понудените привилегии, за репутацијата и службеното возило или за црвената вратоврска? Кога си застапен во централната власт не можеш да се однесуваш како опозиција, само заради внимание и дефокусирање на јавноста, туку имаш можност да бидеш дел од решавањето на проблемите“, велад од огранокот на ДУИ во Кичево.
По ова, Алтернатива денеска се состана и направи чекор да се сретне со градоначалникот на Кичево и да најде решение за отпадот. Но, никој во Општината не ги прими бидејќи градоначалникот ги известил дека нема да биде таму.
„Тој нема потреба да создава непријатели и да го политизира ова прашање, бидејќи со овој проблем се соочуваат сите граѓани. Тој е градоначалник на сите граѓани и ние како Алтернатива од тука му даваме до знаење дека сме подготвени со нашите министри во влада…нека каже која беше пречката овие два-три месеци откако сме во владата што не дозволи или не го поддржува ова барање на општината да се реши ова прашање што поскоро бидејќи има и други помали проблеми кои може многу брзо да се решат“, вели Мазлам Османи од Алтернатива.
Од Алтернатива во Кичево велат дека имаат поддршка од нивниот претседател Африм Гаши и пратениците за решавање на проблемот со отпадот во градот, па затоа дошле во општината да му ја пренесат оваа поддршка на Дехари и да најдат заедничко решение.
