Од 12 до 15 денари е откупната цена на јаболките – Владата ќе откупува македонско јаболко за учениците

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Од 12 до 15 денари е откупната цена на јаболките годинава, но  производителите на јаболки се во неизвесност каде ќе ги продаваат дури и по оваа цена. Години наназад дел од јаболките остануваа во овоштарниците поради тоа што немаше пласман. Љубе Пампулевски производител вели дека до сега ги извезувале главно во Русија како најголем конзумент, но треба да се размислува за поширување на пазарот кон други земји како Северна Африка (Египет), особено Саудиска Арабија.

„Во моментот немаме поголеми пазари за извоз на нашето јаболко, со што неизвесноста за овогодишната реколта за продажба на јаболкото е се поголема. Цената се движи од 12 до 15 денари со што не се покриваат основните призводствени трошоци. Се надеваме на поголема ажурност од страна на Министертсвото за надворешни работи и амбасадите да изнајдат нови пазари од до сега постоечките“, вели Љубе Пампулевски.

Околу 186 000 ученици во 350 школи за ужина ќе добиваат домашни, македонски јаболка кои ќе ги откупува Владата.  Предвидени се  20 милиони денари, средства кои се веќе обезбедени со ребалансот на Буџетот.

„Со Програмата се овозможува поддршка за откуп, дистрибуција и пакување јаболка од реколтата 2022, а целата откупена количина ќе треба да биде дистрибуирана до општинските и државните училишта најдоцна до 15 декември 2022.Со ова ги помагаме производителите на јаболка, но обезбедуваме и свежа и здрава ужина за нашите деца. Македонски, домашни јаболка за нашите деца“, рече Љупчо Николовски.

10 до 20 % годишно од домашното производство на јаболки завршува на домашниот пазар. Ја поздравуваат иницијативата на Владата за пласман на домашното производство на јаболка во училиштата и градинките со што би се откупил од 1% до 2% од овогодишната реколта на домашниот пазар, а со тоа ќе се креира и поголема свест за домашното производство и поголема свест кај учениците за консумирање овошје поточно јаболки.  Ова е пракса на европските земји и овоштарите очекуваат дека тој процент во иднина  ќе се зголеми.