Праќа ли Бугарија порака дека и на овој Совет на Европската унија ќе каже Не за старт на преговорите на Македонија со Унијата. Бугарскиот копретседавач со Мешовитата историска Комисија Ангел Димитров вели дека Македонија не е подготвена за почеток на преговорите. И тој го повтори она што често пати може да се слушне од бугарските официјални лица дека Бугарија многу посакувала да ја види Македонија во Европската унија, но дека има едно големо но….
„Но секогаш има едно големо „но“ и тоа но се определува од подготовката на самата земја кандидат. За жал, многу би сакал да кажам дека е подготвена дека веднаш треба да и се даде сигнал за почеток на преговорите но не гледам причина во кое со, мирно срце, како што се вели, да се направи чекор напред“, истакна Ангел Димитров.
Тој вели дека историската комисија треба да се состане в четврток, но дека се заглавени во преговорите во 10-от и 11-от век во времето на цар Самуил а дека воопшто нема ниту време за разговор околу заедничкото чествување на Гоце Делчев. Отворено го негира постоењето на македонскиот народ.
„Нема, го кажувам сосема сериозно, нема ниту еден историски доказ кое би можело да зборува за постоењето на македонскиот народ, македонската држава и Самуил да биде македонски цар, со која можеме да започнеме една сериозна научна дискусија“, додаде Ангел Димитров.
Вчера министерот за надворешни работи Бујар Османи рече дека кај него не се губи надеж дека е можно да се почнат преговорите до крајот на годинава и дека се одржуваат средби и разговори со бугарски официјални лица. Но, вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров е воздржан и вели дека не е добро да има надеж и разочарување.
„Мислам дека им го должиме тоа на граѓаните да бидеме искрени и да ги штитиме, нивното достоинство но и тој циклус на надеж и разочарување кој што не е здрав за нацијата. Тоа не значи дека треба да дигнеме раце, апсолутно, меѓу другото, посетата на Ескобар е еден од сигналите кој што вели, влогот станува голем за сите. Поддршката е огромна, контекстот е огромен и затоа ние во овој контекст должни сме да продолжуваме да правиме сериозни обиди“, посочи Никола Димитров.
Оптимизам дека ќе ги почнеме преговорите изрази претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
„Јас очекувам Македонија да ги започне преговорите со Европската унија за нешто повеќе од недела дена од денес, затоа што тоа го заслужи не само што се направени, односно не се направени реформи од страна на оваа влада, туку едноставно сето она што го направи македонскиот граѓанин или Македонија тоа го заслужија и заслужија да има еден ваков почеток на преговори“, вели Христијан Мицкоски.
Вчера и министерот за надворешни работи Бујар Османи рече дека очекува, ако не на 14-ти декември кога е и Советот на Европската унија, тогаш до крајот на овој месец да ги почнеме преговорите, бидејќи како што рече се водат конкретни разговори со Бугарија и има сериоизен ангажман за постигнување договор.
