Две држави, во кои живее еден народ, кој зборува еден јазик. Вака вицепремиерот на Бугарија, Красимир Каракачанов гледа на Бугарија и Северна Македонија. Зборувајќи за Бугарската национална телевизија, тој рече дека политичарите во Скопје веруваат дека можат да влезат во ЕУ со старите политики на југословенската коминтерна, и од таа позиција потоа своите норми да и ги наметнат на Бугарија.
„Што се однесува до таканараченето “македонско малцинство“, вклучувајќи ја и глупавата претензија населението во регионот на Благоевград да го изучува таканаречениот македонски јазик кој е создаден во ’45 и таквите апсурди можат да постојат само во мозоците на Коминтерната, за жал политичката елита во Македонија е производ на таа коминтерска антибугарска југословенска идеологија.“, рече Каракачанов.
Бугарија инсистира Северна Македонија да го спроведе договорот за добрососедство, рече Каракачанов, додавајќи дека неговата земја и помогнала на Македонија. “Ние први ги признавме, им помогнавме финансиски, им помогнавме воено за време на југословенското ембарго“. Очекуваме колегијално однесување, но добивме задкулисни игри“, истакна Каракачанов.
Пред неколку дена, неговата колешка, вицепремиерка и шефица на дипломатијата на Бугарија, Екатерина Захариева, порача дека Бугарија нема да и каже “да“ на Северна Македонија додека во преговарачката рамка не види гаранција дека официјално Скопје ќе ги исполни сите точки од Договорот за добрососедство.
„Ако видиме гаранција во преговарачката рамка, Бугарија е секогаш подготвена да каже ДА, но не под притисок. Тие се надеваат дека ќе има притисок, меѓу другото, според мене, г. Василев. Тие навистина се надеваат, дека некој, не знам кој, Вашингтон, Берлин, ќе дојдат ќе ја искараат Бугарија и Бугарија ќе ги заборави националните интереси и ќе каже ДА не правејќи ништо“, вели Захариева.
Специјалниот претставник на Северна Македонија во преговорите со Бугарија, Владо Бучковски пред неколку дена и предаде на официјална Софија нон-пејпер со кој Скопје покажува дека нема територијални претензии и се зазема за почитување и исполнување на Договорот за добрососедство.
