За само неколку часа, Доналд Трамп со две негови објави на социјалните мрежи, прво внесе голема паника и неизвесност, а потоа го смири светот. Пред истекот на ултиматумот за отворање на Ормутскиот теснец, упати драматична закана дека би можело да се случи цела една цивилизација да умре, но неколку часа подоцна осамна негова порака дека е голем ден за светскиот мир. САД и Иран договорија двонеделно примирје, кое го поддржа и Израел.
На социјалните мрежи Трамп напиша дека САД ќе помогнат во развојот на сообраќајот во Ормутскиот теснец и дека можеби следува златна ера на Блискиот исток.
-Ќе има многу позитивни акции. Ќе се акумулираат големи пари. Иран може да го започне процесот на реконструкција. Ќе испорачуваме залихи од сите видови и ќе бидеме блиску за да се осигураме дека сè ќе оди како што треба. Сигурен сум дека ќе биде така, вели претседателот на САД, Доналд Трамп.
Договорот го потврди и Иран, а постигнат е со посредство на Пакистан. Иранската државна телевизија во вонредните вести објави дека Иран постигнал голема победа и дека се прифатени нивните 10 точки за договор за мир.
-Иран постигна голема победа и ја принуди криминалната Америка да го прифати неговиот план од 10 точки, во кој Соединетите Американски Држави се обврзуваат во принцип на неагресија, продолжување на иранската контрола врз Ормутскиот Теснец, прифаќање на збогатувањето, укинување на сите примарни и секундарни санкции, прекинување на сите резолуции на Советот за безбедност и Одборот на гувернери, исплата на компензација на Иран, повлекување на американските борбени сили од регионот и запирање на војната на сите фронтови, вклучително и против херојскиот либански исламски отпор, вели водител на Државна иранска телевизија.
Во десете точки за мир, Иран наведе дека останува и правото за збогатување на ураниум и да ја задржи контролта врз Ормутскиот теснец.
Дали сето ова е прифатено нема засега одговор од Белата куќа, која само потврди дека е постигнат договор за примирје. Иранскиот Врховен совет за безбедност објави дека разговорите со САД ќе започнат во петок, 10 април, во Исламабад, додавајќи дека разговорите, би можеле да траат до 15 дена и би можеле да донесат целосен крај на војната.
10-ТЕ ТОЧКИ НА ИРАН ЗА КРАЈ НА ВОЈНАТА:
- САД да гарантираат дека нема повеќе да извршуваат агресија
- Иран да ја задржи контролата врз Ормутскиот Теснец
- Да се признае правото на Иран на збогатување ураниум
- Укинување на сите примарни санкции
- Укинување на сите секундарни санкции
- Укинување на сите резолуции на Советот за безбедност на ОН против Иран
- Укинување на сите резолуции на Одборот на гувернери на МААЕ
- Исплата на отштета на Иран за штетите од војната
- Повлекување на американските борбени сили од регионот
- Прекин на воените дејствија на сите фронтови (вклучително и Либан)
Израел го поддржува потегот на САД под услов Техеран веднаш да ја отвори Ормуската Теснина и да ги запре нападите врз САД, Израел и земјите во регионот, се наведува во соопштението од кабинетот на Нетанјаху. Се додава дека со овој договор Либан не е опфатен, каде во израелските напади од 4-ти март досега загинаа повеќе од 1450 лица, меѓу кои над 120 деца, повредени се над 4.400 лица, додека речиси 1,2 милиони Либанци се раселени.
Многу држави го поздравија договорот за двонеделен прекин на огнот меѓу САД и Иран, а меѓу првите со реакции се огласија Јужна Кореја, Нов Зеланд, Ирак, Австралија, Јапонија и Пакистан. Хезболах исто така се огласи, кој порача дека нема да го напаѓа Израел додека трае примирјето.
