Од понеделник пратениците се враќаат на работа – Ковачевски: Сите пратеници да ги поддржат уставните измени

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Пратениците од понеделник се враќаат од одмор и почнуваат со работните обврски. Дали уставните измени ќе бидат нивната прва работа по летната пауза и дали ќе има двотретинско мнозинство за вметнување на Бугарите во Уставот? Премиерот Димитар Ковачевски вели дека сите 120 пратеници треба да дадат поддршка за измените, бидејќи ја добиле довербата од граѓаните да ги водат кон европскиот пат.

Меѓутоа уставните измени не можат да чекаат 16 месеци, туку треба да завршат пред почетокот на 23-тото поглавје за судството и основните права. Скринингот ќе трае некаде до ноември 2023 година. Во текот на овој период би било добро во земјава да има позитивна политичка атмосфера за уставните измени, изјави министерот за надворешни работи, Бујар Османи, неодамна во интервју за ТВ21.

ТВ21: Значи по една година отворање на Уставот?

-Јас за време на тој период, во моментот кога ќе констатираме дека има бројки за да се направат уставните измени…Но, она што морам да го кажам е дека имаме околу 15-16 месеци за дебата, да ја отвориме дебатата во политиката и кај граѓаните за потребата од уставните измени. По завршувањето на скринингот, за да се отвори поглавјето 23, ќе треба да ги имаме уставните измени-рече Османи.

Ковачевски додава дека во земјава има две партиски коалиции, едната која е „за“ европска Македонија и другата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Левица која е против пристапувањето на земјата во ЕУ.

За Бугарите да бидат дел од нашиот Устав потребни се 80 пратенички гласа од вкупно 120.