Од три, активен само еден хеликоптер – Ангелов: Ако се утврди моја одговорност ќе заминам од земјава

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Засега нема потреба од прогласување кризна состојба, бидејќи иако се уште активни дел од пожарите се локализирани. Ова го изјави директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов кој додава дека иако има материјална штета, успех е што нема човечки жртви. Општината, но и од Владата ќе учествуваат во санацијата на штетата. Од изутрина два хеликоптери се уште ги гасеа активните пожарите, но поради високите температури напладне не смеат да летаат.

„Рано утрово во мугрите полетаа два хеликоптери кои што гаснеа во Кочани, кога се качи температурата на воздухот и кога дојде до замор на посадата бидејќи по извесно време мора да прават пауза тие се повлекоа во база, со падот на температурите тие повторно ќе полетаат. Гаснењето на вакви можни пожари ги изложува луѓето на ризик. Материјалните штети ќе ги надокнадиме, дел ние како држава, дел самата природа. Дрвјата повторно ќе никнат загубените живот нема да се вратат“, истакна Стојанче Ангелов.

Во вчерашното справување со пожарите кои беснееја буквално низ цела Македонија, се гасело само со еден хеликоптер. Во еден момент кога хеликоптерот го гасел огромниот пожар кај Старо Нагоричане се размислувало и како истиот хеликоптер да се препрати во Кочани.  

„Кога во доцните попладневни часови пожарот во Кочани стана исклучително опасен и дојде до самите куќи, побарав од командантот веднаш да го пренасочи хеликоптерот од Нагоричане кон Кочани но хеликоптерот дејствуваше долго време и неговото гориво беше доволно да отиде до Кочани и да се врати, Едноставно немаше доволно гориво“, додава Стојанче Ангелов.

Ангелов се жали дека децении наназад не се вложувало во опрема и ресурси за справување со пожарите. Вчера тоа повторно се покажа на терен, кога од три можни на располагање имало само еден хеликоптер, а силниот ветер дополнително го разгорел пожарот.

„Во текот на вчерашниот ден на располагање беше само еден хеликоптер. Во текот на ноќта, вториот беше сервисиран на лице место. Командантот на ВИНГ-от, вработените во ВИНГ-от се изложуваат на натчовечки напори да го оспособат и вториот хеликоптер за да може безбедно да лета“, посочи Ангелов.

Ангелов рече дека веќе разговарал со Владата за во иднина да се обноват ресурсите за справување со пожари. Тој воедно упати апел до граѓаните целосно да се внимава да не предизвикаат пожар со фрлање отпушок или палење на оган. Одговарајќи на прашањето за понесување на одговорност, тој порача прво да се изгаснат пожарите, бидејќи целата република гори, а доколку се утврди негова одговорност, тогаш ќе поднесе оставка и како што вели ќе замине од државата.