Од денеска започнува процесот на реконструкцијата на Владата, а според информациите првите состаноци со коалиционите партнери ВЛЕН и ЗНАМ ќе се одржат утре и во сабота. По ова ќе се знае кои министри и директори ќе ги напуштат позициите поради немање резултати во нивното работење. Премиерот Христијан Мицкоски рече дека до него доаѓаат информации дека дел од министрите не си ја вршат својата работа, туку само ги уживаат привилегиите на власта, но дека нема да има толерирање на несовесност и скршнување од принципите на Владата.
-Очигледно дека има и такви на кои фотелјата им стана помила од контактот со народот. Добивам поплаки дека дел од министрите и директорите се недостапни за народот, а има и такви на кои приватните патувања им станаа помили од посетата на селата и градовите. Не прифаќам оправдувања од ниту еден именуван функционер дека е уморен. Ако е уморен чесно е да си оди, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Министерот за социјална политика Фатмир Лимани, откако се скара со раководството и потоа замина од ВЛЕН, неговата позиција во Владата стана неизвесна, но неофицијално се тврди дека тој е во блиски релации со Мицкоски и дека е можно да остане во власта и покрај барањата на ВЛЕН за негово заминување. Тој денеска рече дека воопшто не е важно дали ќе биде на функцијата или не.
-Дали сме министри или не сме до последниот датум треба да видиме за да ги спречиме ваквите случаи а не да се бавиме со тоа кој ќе биде иден министер. Колку биле и колку поминале и колку ќе има министри овде се ќе зависи од тоа кој траг оставивме ние во овие сали и во тие министерства што сме, изјави министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани.
Од она што веќе е извесно вицепремиерот за добро владеење Арбен Фетаи веќе нема да биде дел од владиниот кабинет, откако е прифатена неговата оставка. Според неофицијални извори, во реконструкцијата на Владата можно е да има и промена на ресорите меѓу коалициските партнери.
