По прашањето од ТВ21 за плановите на актуелната Влада поврзани со измените на Законот за рестриктивни мерки, со кои би се вовеле домашни санкции за лицата од црната листа на САД, од Владата одговорија дека моменталната законска рамка е доволна за преземање мерки.
„Како Влада сме на став дека и сега постојат законски основи по кои може да се покренат постапки против лица кои се нашле на црната листа на САД. Во 2021 година е усвоен Закон за меѓународна соработка во кривичната материја, кој овозможува Јавното обвинителство да испрати замолница за соработка до надлежната институција на странската држава. Со овој закон, исто така, се предвидува формирање заеднички истражни тимови за истражување и гонење на кривични дела,“ стои во одговорот од Владата.
Во врска со недонесените измени предложени од претходната Влада, кои предвидуваа дополнителни домашни рестрикции како отворање предмети во Јавното обвинителство, забрани за јавни функции и учество на јавни набавки, актуелната Влада истакна дека не планира нови законски интервенции во моментов.
„Цениме дека правосудните органи мора сериозно да ја вршат својата работа и да не се доведуваме во ситуација да бараме нови решенија, за кои ќе биде потребно дополнително време за нивно носење и имплементација. Потребно е актуелните закони и Устав да не бидат заобиколувани, туку применувани,“ додаваат од Владата.
Одговорот на Владата нагласува дека доследното спроведување на постојните закони е клучно за ефикасно справување со лицата кои се наоѓаат на меѓународни санкциски листи.
Пред 10 месеци тогашниот министер за надворешни работи Бујар Османи во интевју за ТВ21 зборуваше за измените на законот за санкции со кој некое лице доколку има рестриктивни мерки од САД или од Обединетото кралство, да не може да се кандидира на избори и да носи јавна функција, па дури и да му се конфискува имот.
„Ние додаваме уште во целите на законот, дека се однесува и на борбата против корупцијата и злоупотребата на службената должност, хибридните закани. Во сегашното законско решение како основ за воведување на рестриктивни мерки од страна на нашата држава се три основи: Задолжителни резолуции во Советот за безбедност на ОН, правни акти на ЕУ и билатерални акти на други држави но само за тероризам и полиферација. Ние додаваме дека за овие цели, како основа за донесување на рестриктивни мерки ги донесуваме и правните акти на САД и правните акти на Обединетото кралство. Во актуелното решение како видови на рестриктивни мерки се ембарго за оружје, забрана за влез, финансиски мерки. Сега додаваме покренување на кривична постапка и преземање на мерки за обезбедување. Кога ќе има ваков правен акт, МНР, МВР и ЈО и.т.н. предлагаат до Владата да донесе одлука и за наши рестриктивни мерки. Ако е за корупција, злоупотреба на службена должност Владата е должна, односно органот што предлага да ги однесе сите факти што ги има собрано од изворот на рестрикцијата до ЈО. ЈО е должно да отвори кривична постапка и ако покрене обвинение, и судот го прифати тоа обвинение, тогаш Судот може да донесе привремени мерки за обезбедување – и тоа забрана за вршење јавна функција, вклучувајќи и кандидирање на избори и конфискација на имот и други финансиски мерки“, рече тогаш Османи.
