Одбранбен форум НАТО во Скопје – Агелер и Столтенберг: Имате значаен придонес во НАТО

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во овие три години колку што сме членка на НАТО Македонија покажа дека е подготвена да го даде својот придонес во колективната безбедност во гаранцијата за стабилноста на секоја членка на НАТО и во гаранцијата за безбедноста на секој граѓанин на сојузот. Ова го истакна министерката за одбрана Славјанка Петровска отворајќи го Одбранбениот форум.

„Ние сме НАТО значи токму тоа ние сме составен дел од НАТО и од нас како и од сите останати земји членки зависи колку НАТО ќе одговори на својата задача да биде заштитник на заедничките цивилизациски вредности. Развиваме систем за справување со дезинформации кој, меѓу другото, се темели и на соработката со цивилниот сектор кој е агилен и брзо прилагодлив. Два елементи кои се исклучително важни за ефикасно справување со оваа негативна појава која има огромен деструктивен потенцијал“, вели Славјанка Петровска.

Американската амбасадорка Анџела Агелер во своето обраќање во чиј дел говореше на македонски јазик, рече дека Македонија дава значаен придонес во унапредувањето на регионалната и глобалната безбедност и стабилност.

„Улогата на Алијансата во гарантирање на трансатлантската безбедност никогаш не била поголема. Секој граѓанин на Северна Македонија треба да биде многу горд за придонесот што вие го давате и продолжувате да го давате.  Инвестирањето на Северна Македонија во модернизација на одбраната ја докажува вашата способност да одговорите на заканите и ви помага да го достигнете НАТО капацитетите“, порача Анџела Агелер.

Преку видео обраќање генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг истакна дека Македонија придонесува во колективната безбедност и е рамноправна членка во Алијансата.

„Денес Северна Македонија има место на масата на НАТО и рамноправен глас во нашите дискусии и ја ужива целосната заштита на НАТО алијансата. Неодамна Северна Македонија се соочи со намерни и континуирани хибридни напади, вклучувајќи закани со бомби и сајбер напади. Но вие не бевте сами. Експерти на НАТО отидоа во Скопје за да споделат информации и да обезбедат техничка поддршка“, вели Јенс Столтенберг.

Македонија пред три години оствари една од своите стратешки цели со тоа што  стана полноправна членка на НАТО алијансата.