Основното јавно обвинителство не доставило докази, медицинска документација за наводно предизвиканите повреди, нема записник за примање на кривична пријава од оштетениот. Истиот не е сослушан пред ОЈО Скопје, ниту пак се доставени докази дали навистина е настаната тешка повреда и од каков вид е истата. Ова го велат од Кривичниот суд, во нивна одбрана, по бурните реакции за неопределување на притвор за Беким Незири и уште три лица, кои се осомничени за упадот во зградата на контролата на летање.
Обвинителството бараше притвор, а судијата на претходна постапка Пајазит Пајазити, кој бил дежурен вечерта на 5-ти јануари кога осомничените беа спроведени во Кривичниот суд, одреди мерки на претпазливост.
„Свесни за јавниот интерес за случувањата во М-НАВ, како и реакциите кои прозилегоа од неправосилните одлуки на судот, јавноста мора да знае дека судот постапува пред се врз основа на приложената документација/докази доставени од ОЈО и МВР и врз основа на слободно судиско убедување“, велат од Кривичен суд.
Во соопштението на Судот воедно се вели дека мора да се има предвид дека според вонредниот инспекциски надзор на Агенцијата за цивилно воздухопловство било утврдено дека не постои никакво нарушување или загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај, а исто така не постои никаков пријавен настан или сериозен инцидент во врска со одвивањето на безбедноста на воздушниот сообраќај. Судот ова го тврди повикувајќи се на изјавата на директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство- Томислав Тунтев.
Од судот велат дека според дадениот опис на преземените дејствија од страна на осомничените, а во склоп и на доставените докази, во овој момент не прозилегува дека осомничените во целост ги исполниле условите предвидени во кривичното дело, односно дека со нивните дејствија можеле да предизвикаат тешка повреда, смрт, или уништување или оштетување на уреди, објекти или воздухоплов, кој не е во сообраќај, а е лоциран на аеродром за меѓународен воздушен сообраќа. Односно самиот предлог на Јавниот обвинител воопшто не води во правец на посоченото кривично дело. Судот потенцира дека осомничените презеле одредени дејствија за кривично дело кое допрва треба да се истражува.
Дали имало доволно докази или не од МВР, коментар од министерот Спасовски не успеавме да добиеме. Не сакаше да одговори на новинарски прашања, поради празничниот ден.
Оливер Спасовски: Ве молам денеска нема да одговарам на такви прашања.
-Каде се четворицата од М-НАВ по кои се трага?
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, одлучи да даде коментар и да одговори на прашањата од новинарите на истата тема.
„Замислете што би се случило кога ваква, би рекол бандитска група, би упаднала на вашингтонскиот аеродром или на аеродромот во Париз, или во Берлин. Или сега би биле уапсени, или би биле ликвидирани“, вели Христијан Мицкоски.
Беким Незири, вработен во М-НАВ и уште три други лица во петокот беа спроведени во судот, но по уште четири други лица, кои не се вработени во оваа институција, се во бегство и по нив се трага. Кривичниот суд потврди дека добиле жалба од Обвинителството за неопределувањето на мерката притвор и како што најавуваат ќе одлучува Кривичен совет, кој може да ја потврди или преиначи одлуката на судијата на претходна постапка. Владата најави дека на седница на 9-ти јануари ќе го разреши целиот Управен одбор на М-НАВ, а Синдикатот се закани со целосен штрајк, доколку директорите не бидат разрешени, а лицата кои го извршиле упадот не бидат уапсени.
