Фракцијата во ДУИ позната како Огнена група не размислува за формирање нов политички субјект, ниту пак размислува да ги прекине средбите со граѓаните кои ги поддржуваат нив како групa. Ова го потврди и потпретседателот на партијата Изет Меџити кој дури најави и интензивирање на средбите.
-Ние продолжуваме со активности во базата. Ќе ги интензивираме средбите во следниов период-рече Меџити.
Политичкиот аналитичар Имер Селмани се надева дека Ахмети ќе постигне договор за помирување со Меџити и Беџети бидејќи евентуалното формирање на нова партија ќе го расцепка уште повеќе албанскиот глас. Според него, во минатото имало успеси и неуспеси на фракциите.
-Имајќи го предвид фактот дека луѓето кои дејствуваат како фракција се структура какви што постоеле и порано, многу добро се познаваат едни со други. Ги знаат можностите еден на друг. Зборувам за структурите на ДУИ но исто така и за луѓето кои се идентификуваат како фракција. Посакувам Али Ахмети со Изет Меџити и Блерим Беџети и сите стари пријатели да седнат и да се обидат да најдат излез од оваа ситуација која ги загрижува не само структурите на ДУИ туку и сите љубители на слободниот глас-изјави Селмани.
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски за Фокус рече дека по следните избори ќе коалицира со сите албански партии освен со ДУИ, за кои рече дека вратата е затворена. Но дали би соработувала ВМРО-ДПМНЕ со Огнената група?
„Па, и тие се дал од ДУИ. Ние би сакале да соработуваме со албанската опозиција. Доколку бидат прифатени програмските определби што ќе ги поставиме. Не е мала работа. Во Македонија често се игра со таква терминологија. Но ние ќе инсистираме на неколку работи“, рече Николоски.
Фракцијата Огнена група околу 2 години изразува незадоволство од актуелната влада, особено од работата на министрите од ДУИ за слаба програмска реализација.
